Албанскиот хелсиншки комитет ја доби Резолуцијата на ФУЕН за состојбата на Македонците во Албанија

Резолуцијата, којашто беше едногласно усвоена на 62.Конгрес на ФУЕН, а предложена од македонското друштво „Илинден“ – Тирана, е доставена до Владата на Република Албанија, до меѓународни и други институции во земјата. Известување дека е добиен документот добивме од Хелсиншкиот комитет, во кое стои дека оваа институција со голем интерес ја прочитале Резолуцијата и најавуваат брза средба со нас, изјави за Македонски весник “Илинден”, претседателот на Македонско друштво „Илинден“- Тирана г-дин Никола Ѓурѓај. Како што стои во известувањето, Албанскиот хелсиншки комитет е организација за заштита на човековите права, која во својот фокус ја има и заштитата и свеста на јавноста за правата на националните малцинства. Во тие рамки, сигурно ќе бидеме вклучени во решавањето на прашањата вклучени во Резолуцијата од страна на одговорните институции, до степен до кој тие се во согласност со мисијата на АХЦ, посочуваат од комитетот.

Македонско друштво „Илинден“ – Тирана како официјален член на ФУЕН, го искористи правото да ја достави резолуцијата до Конгресот што во мај годинава се одржа во Република Романија. За неа гласаа сите 300 делегати- претставници на 50 асоцијации на повеќе од триесет малцинства од исто толку земји во Европа. Резолуција содржи седум точки со кои меѓу другото се бара Владата на Република Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба на Советот на Европа за регионални и малцински јазици, признавање на македонското национално малциство во Голо Брдо, Гора и цела територија на Република Албанија, државната телевизија (ТВШ) да емитува програма на македонски јазик, образование на мајчин македонски јазик, како и преиспитување на територијалната поделба на Албанија со Законот од 2015 година. Македонското друштво „Илинден” е рамноправен член на ФУЕН од средината на мај 2015 година и стана прво друштво на Македонци надвор од матичната држава, во Европа, кое е рамноправен член, со право на глас

Advertisement