Ангел Митревски член на управниот одбор на Заедницата на Македонците во Хрватска црвената линија е зачувување на уставното име, идентитетот и јазикот

Ние Македонците што сме надвор од Македонија и живееме во други држави сме загрижени за сѐ што се случува, а е поврзано со името на државата. Факт е дека оваа година е земена како преломна за решавање на проблемот за името, но мислам дека сето тоа е игра на големите светски сили. Ние Македонците во дијаспората сме единствени во ставот дека црвената линија е зачувување на уставното име, идентитетот, јазикот. Името Македонија без никакви претставки, додавања. Но, тоа сепак ќе оставиме да го решат нашите политичари, кои, пак, се надевам дека нема да ја преминат линијата. Ова, меѓу другото, за „Нова Македонија“ го изјави Ангел Митревски, член на УО на Заедницата на Македонците во Хрватска и член на Советот за национални малцинства во Владата на Република Хрватска. Тој истакна дека проблемот за името не го имаме ние Македонците, туку го имаат во Грција.

Ние Македонците си го знаеме својот идентитет. Ние сме Македонци, државата е Македонија. Ако државата е признаена од 140 земји во светот останува значи Грција да си го реши проблемот внатре. Тоа што нејзината северна територија коинцидира со името на нашата држава е нешто што мислам дека не би требало да биде проблем за меѓународен спор. Сето ова е наметнато уште во 1992 година по признавањето. Во првиот член на Конвенцијата за човековите права пишува дека секој има право да се самоопредели како ќе му се вика државата, јазикот што ќе го користи. Уште тогаш е кажано дека нашата држава е Македонија. Народот својата историја си ја знае и таа не смее да биде доведена никако во прашање. Името, идентитетот, јазикот, културата, тоа се работи со кои политичарите не смеат да си играат. Како се вели „Духот излезе од шишето, е сега кој ќе успее да го врати не знам“, но се плашам дека цената што ќе се плати ќе биде превисока. Народот нема да го прифати без бранувања. Мојот личен став е дека пред сѐ во Македонија треба да се расчисти и прашањето да биде издигнато натпартиски. Не смеат партиите да не бидат единствени по ова прашање. Нема потреба да има поделби, тука треба да бидат сплотени и единствени. Мислам дека не е потребен референдум. Пред сѐ заради тоа што ќе се покаже кој е за левите, кој за десните. Референдумот е завршен кога е прогласено дека ќе бидеме Република Македонија. Да се заборави на сите несогласувања и да се заземе опцијата Република Македонија. Ако има поделба во Македонија не ќе може никој да ја спаси. Дијаспората може да „рипа“, но ако некоја власт одлучи поинаку тоа е тоа. Ако Македонците сами си ја исечат гранката ние однадвор не можеме многу да помогнеме – вели Митревски.

Тој истакна дека во Хрватска со последниот попис од 2011 година имало 4.300 Македонци од кои околу 230 живееле во Сплит. Заедницата на Македонците во Хрватска е доста активна во поглед на зачувување на македонската култура, јазик, традиција. Хрватска се грижи за малцинствата, преку закони, преку практика. Правата се подигнати на многу високо ниво. Тоа го нема ни во ЕУ. Има финансирање на друштвата, ние сме шест друштва во заедницата. Македонија нѐ поддржува според своите можности ама секогаш може и повеќе – објаснува Митревски, кој деновиве учествуваше на семакедонскиот собир што се одржа во Прилеп по повод 146-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а го организираше граѓанската иницијатива за културна и европска интеграција на Македонците „Нѐ има“.