Архимандритот Јоаникиј Ракотински ќе биде прогласен за светец

 

Македонската православна црква – Охридска архиепископија овој викенд (сабота 23. септември и недела 24. септември) ќе го богослужи торжествениот чин на впишување на архимандритот Јоаникиј Ракотински во списокот на светиите. Прославата ќе започне во сабота во 17.30 часот, во Соборниот храм “Свети Климент Охридски“, во Скопје, со Воскресна вечерна богослужба, со која ќе чиноначалствува епископот Хераклејски г. Климент, во сослужение на презвитери и ѓакони од Скопската епархија. По Вечерната, Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, ќе отслужи парастос за архимандритот Јоаникиј.

Во недела, со почеток од 08.00 часот, кивотот со моштите на преподобниот Јоаникиј во литија ќе се упати од мостот “Гоце Делчев“ кон Соборниот храм. Во 09.00 часот ќе започне Литургијата на која ќе биде објавена одлуката за канонизирањето на архимандритот Јоаникиј, а со неа ќе чиноначалствува Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, заедно со сите архиереи на МПЦ-ОА, како и бројно свештенство, и притоа сите присутни ќе можат да се поклонат на моштите на преподобниот Јоаникиј.

Архимандрит Јоаникиј Ракотински е роден 1839 година во Охридско, а се упокоил на 24 јануари 1940 година во Ракотинци, Скопско. Бил македонски архимандрит, учител, лекар и православен свештеник. Моштите на архимандритот се сметаат за свети од православното население во Македонија, бидејќи и после 70 години од неговата смрт тие се во одлична зачувана состојба.

За ова свето лице зачувани се многу малку податоци. Се знае само годината на неговото раѓање. Според мештаните, архимандритот го нарекувале Дедо Аџија и потекнувал од Охридско. Според тврдењата, пред да се досели во с. Ракотинци, архимандритот живеел монашки живот во Марковиот манастир. Во неговото време, тој бил сметан за најобразована личност во околината. Преподобен Јоаникиј Ракотински, покрај тоа што бил архимандрит, повремено работел и како учител и локален судија. Доста познат е по неговите познавања од областа на медицината и бил сметан за лекар.

Вниманието на пошироката македонска православна јавност било привлечено со, како што се верува, чудесното појавување на моштите на ова свето лице. Како што се знае, архимандритот живеел и служел во црквата во селото Ракотинци, Скопско. Починал на својата 101 годишна возраст и неговата желба била да почива во истото тоа населено место. Додека сè уште бил жив, архимандритот сам си го ископал гробот каде и го закопале по смртта.

Моштите на светото лице се појавиле двапати. Првиот пат се појавиле за време на социјалистичкиот режим во Македонија и селаните набрзо повторно ги закопале. Вториот пат моштите се појавиле нешто подоцна и тоа било доволна причина да се увери македонската православна јавност дека нешто свето има во неговите мошти. Поточно, со второто појавување на моштите православното население се уверило дека моштите се многу добро зачувани, нераспаднати и верувањата за светоста на архимандритот зајакнале. По второто појавување, локалниот свештеник и селаните го закопале архимандритот во селските гробишта, за подоцна да го вратат во неговиот првобитен гроб. Овој пат, тие го ставиле во стаклен сандак обложен со камени плочи кои се наоѓале насекаде околу ковчегот освен на лицето. Лошата заштита довела до благо оштетување на телото. Сепак истото и денес е доста заштитено.

Advertisement