Честитка по повод Божик од Македонското друштво „Илинден“-Тирана

Македонско друштво „Илинден“-Тирана, од името на сите Македонци во Албанија, по повод Христовото раѓање – Божик, упати честитка до Поглаварот на МПЦ-ОА, неговото блаженство архипископ Охридски и Македонски Г.г. Стефан и до сите православни верници.

Дозволете ми од мое лично име, од името на друштвото и на сите Македонци кои живат во Албанија, Вам лично, на членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник, Раѓањето Христово – Божик, и да ви посакам здравје и среќа, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај. Во неа се наведува дека Божик е празник кој секој христијанин го дочекува во кругот на семејството радувајќи се и славејќи го животот.

И оваа година Божиќ нека биде инспирација сплотени со отворени срца и чиста мисла да помислиме на сите оние на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа и безрезервно да им ја понудиме нашата помош. Токму во духот на христијанството, дозволете уште еднаш да посакаме во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните. Христос се роди,- стои во честитката на Македонско друштво „Илинден“-Тирана.

Advertisement