Четинаесета Македонска вечер во Белград

Во организација на Македонското здружение “Кочо Рацин“ во Белград, викендов во Домот на војската на Србија во Белград во присуство на повеќе од 300 Македонци, се одржа традиционалната Македонска вечер по повод 14 годишнината од формирањето на здружението.

На Македонската вечер присутните ги забавуваше групата “Милениум“ од Куманово и Стефче Стојковски од Македонија. Присутните ги поздрави претседателката на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград, Лидија Демниева и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров. И покрај очекувањата, на Македонската вечер не присуствуваше ниту еден претставник од македонската амбасада во Србија.

На Македонската вечер присуствуваа претседателот на Светскиот Македонски Конгрес – Србија Душко Јаневски, шефот на постојаната мисија на Светскиот Македонски Конгрес при Обединетите Нации проф.д-р Игор Јанев, претседателот на Македонската заедница во Србија македонскиот сенатор Гојко Илиевски и секретарот на Македонскиот национален совет во Србија Зорица Митровиќ. Пред присутните се претстави Женскиот хор и Детскиот хор при Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград.