Делегација од Вооружените сили на Република Турција на посета во Македонија

 

По повод одбележувањето на дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола, во тридневна официјална посета на Република Македонија престојува делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Турција. Во текот на вчерашниот ден во ГШ на АРМ, делегацијата беше примена од заменикот на НГШ на АРМ, по што се одржа средба на која се разговараше за меѓусебната соработка на АРМ со ВС на Република Турција, како и континуираната поддршка која Република Турција и ја дава на Република Македонија во напорите за полноправно членство во НАТО.

Многубројните примери на меѓуармиска соработка кои се дел од основата врз која се гради стратегиското партнерство, беа посочени за време на состанокот од бригаден генерал Нерим Битлислиоглу кој ја предводи делегацијата на ВС на Република Турција. Делегацијата во која покрај високи офицери на ВС на Република Турција се наоѓаат и питомци од воените училишта на ВС на Република Турција, во текот на денешниот ден во музејот на градот Битола, присуствуваше на традиционалното одбележувањето на годишнината од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк во тогашната воена гимназија.

Амбасадорката на Република Турција во Република Македонија, Н.Е Тулин Еркал Кара и бригадниот генерал Битлислиоглу во своите обраќања се заблагодарија на пречекот и поддршката во организацијата на свеченоста по повод одбележувањето на 119 години од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола, како настан од историјата кој ги спојува двете пријателски земји. Притоа се осврна и на влијанието на школувањето и поминато време во својата рана возраст во оваа гимназија за неговата понатамошна воена и државничка улога во формирање на современа Република Турција.

На свечената церемонија во музејот во Битола каде се наоѓа спомен собата на Кемал Ататурк присуствуваа и заменик на министерот на одбрана, Беким Максути, претставници од МО и ГШ на АРМ, воени аташеи акредитирани во Р. Македонија и други високи гости се одбележаа 119 години од овој настан. Република Турција како членка на НАТО од самиот почеток дава безрезервна поддршка на нашите аспирации да станеме полноправна членка во оваа воена асоцијација.

Advertisement