Дијаспората ќе бара распуштање на Собранието и вонредни избори во Македонија

Македонските заедници во Швајцарија, Германија, Франција, Италија и Велика Британија денес одржуваат протести за заедничка и унитарна Македонија. „Македонците во Европа се обединети – против промена на името на државата и идентитетот на нацијата, со барање за крај на разговорите со Грција и продолжување на членството во Обединетите Нации и сите меѓународни организации под државното име Македонија, против донесување на Законот за употреба на јазиците со цел двојазичност на територијата на Македонија и во нејзините меѓународни односи и редефинирање на унитарноста и државноста на Македонија. Против ратификација на Договорот со Буагрија, којашто не ги признава Македонците и уредува формирање на меѓудржавна комисија за ревизија на македонската историја и за безусловно ослободување и помилување на сите притворени и осудени за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Македонија и на Едмонд Темелко“, се вели во соопштението на Светски македонски конгрес.

Доколку Владата не ги прифати овие барања, Македонците бараат распуштање на Собранието и организација на вонредни парламентарни избори во Македонија! Македонските заедници во Европа овие барања ќе ги достават до Претседателот, Собранието и Владата на Република Македонија преку македонските амбасади и конзулати и до претседателите, парламентите и владите на државите каде што престојуваат, а сите заедно и до Европската Унија, ОБСЕ, Советот на Европа и НАТО Алијансата! Семакедонски протести наскоро се најавени и во Канада, Австралија и Холандија. Организаторите апелираат на масовно присуство на Македонците на протестите во овие држави. „Силата е во единството, а со сите разлики меѓу нас Македонците, само Македонија е нашиот единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот единствен заеднички содржател! Заедно во одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонската нација!“, се вели во соопштението на Светски македонски конгрес.