Ексклузивно интервју за весникот “Илинден”: М-р Андреа Алексовски аналитичар за состојбите на Макеоднско национално малциство во Балканот

Македонски весникот “Илинден”: М-р Андреа Алексовски ве молиме дадете кратка биографија за читателите.

Андреа Алексовски е роден во Скопје 1978 година. Го завршува Филолошкиот факултет на ,Универзитет Св. Кирил и Методиј “, во Скопје 2003 година., на катедрата по Германски јазик и книжевност.  За време на своите магистарски студии на Универзитетот Europа Universität -Viadrina во Франкфурт (Одрa) Германија, стажира како практикант во  Германскиот Парламент (Bundestag) а подоцна  во Амбасадата  на  Република Македонија во Берлин и дополнително во Министерството за надворешни работи на Република Македонија во Секторот за европски интеграции. По завршување на своите магистарски студии, 2006 година се враќа во Македонија, и ја основа невладината ,,Европската Алијанса Република Македонија,,. Во меѓувреме објавува текстови во неколку македонски печатени медиуми, пишува и промовира книги на домашни и странски автори и понатаму преку бројни проекти е  ангажиран во доменот на европската политика и култура во Македонија. Кон крајот на 2007 година се вработува во Секретаријатот за европски прашања, Влада на Република Македонија, каде работи во одделението за институционална надградба. а 2010 година ја објавува својата прва стручна книга,, Македонија на пат кон ЕУ. Рамковни услови за полноправно членство во ЕУ.,, на македонски јазик. Стручната книга “ Eine Analyse Mazedoniens auf dem Weg in die Europäische Union,, наменета за германската читателска публика, напишана германки јазик е објавена во 2012 година од страна на германската издавачка куќа  Akademiker Verlag. Од 2013 година работи во Министерство за образование и наука на Република Македонија.

Македонски весникот “Илинден”: Како го оценувате состојбата на Македонско национално малциство како автоктоно малциство во Албанија, Србија, Бугарија, Грција, Косово?

Секогаш кога се анализира состојбата на македонското национално малцинство треба да се тргне од 3 основни постулати – слободи, и тоа политички, економски и културни, и кога ќе почнете со анализа веднаш ќе утврдите дека во секоја одделна соседна земја каде живеат Македонци има големи разлики и отстапки во однос на овие постулати.

Македонци во Албанија:

Во Албанија Македонците имаат релативно добри политички и културни слободи но економскиот постулат е голем проблем кој во иднина постепено силно ќе зајакнува. Имено, сите овие горе наведени слободи во Албанија денеска не се извонредни од една проста причина што Македонците во Албанија мака мачат да добијат свој пратеник во албанското собрание кој силно ќе ги преставува и застапува интересите на македонската заедница и при тоа ќе работи на тоа вниманието, фондови, финансиска и материјална поддршка да пристигнуваат кон македонската заедница која главно живее во пограничните региони на Гора, Голо Брдо, Мала Преспа, Врбник, Полени и секако кон оние кои живеат во Тирана, Драч. Поградец, Корча, Билишта, Каваја, Елбасан и други места.

Македонците се признати во Албанија како посебен етникум, иако не секаде, полтички оваа заедница се обединува околу политичката партија „Македонската Алијанса за Европска Интеграција – МАЕИ“ која ги преставува интересите на Македонците и воедно како лојална на албанската држава на политички план коректно коегзистира и има соработка со другите албански партии. Сепак според мене императив за МАЕИ е конечно на следните парламентарни избори во Албанија дека мора да се договори со своите потенцијални коалициони партии или партнерски организации и партии дека сега е времето македонската заедница да добие свој претавник во парламентот. Дали околу МАЕИ ќе се обединат другите малцински заедници кои се маргинализирани (пр. Срби, Црногорци и др.) или ќе направат солиден договор со останатите партии во Албанија, ова мора да биде направено.

Што се однесува до економско-културните слободи на македонската заедница можам слободно да кажам дека сум оптимист каде со мала асистенција  на албанските власти Македонците ќе почувствуваат сериозен напредок. Сметам дека иднината на македонската заедница лежи во туризмот, угостителството и трговијата. Македонците кои живеат покрај преспанското езеро ќе бидат сведоци на многу поактвно инестирање во тој домен и за скоро време таму ќе има голем број на странски и домашни туристи кои ќе уживаат во алтернативен и активен туризам кој овие области ги нудат. Останатите во најголема мера ќе оперираат во секторот трговија и земјоделство. Поради блискоста со Македонија а и потребата на македонската економија да освојува нови пазари, сметам дека албанските Македонци во голема мера ќе станат трговци и дистрибутери на бројни македонски производи во Албанија.

Час поскоро Македонците од Албанија мора да основаат своја стопанска комора и упорно, настојчиво и интензивно да работат во правец на формирање мешовити фирми со македонски компании и воедно посилно да ги убедуваат поголемите македонски компании да инвестират преку границата, бидејќи и производството на самите македонски компании ќе добие малку поголем пазар за своите производи што во голема мера ќе ги направи поконкурентни! За оваа цел мене не ми е јасно зошто Македониија досега нема отворено конзуларно претставништво во Корча кое главно ќе биде поддршка за културна соработка и економските амбиции на македонските компании за албанскииот пазар?!

Во овој контекст покрај другите гранични премини најприоритетниот е Џепиште-Требиште кај Дебар, граничен премин кој може да се минува само пеш односно не е дозволено минување со моторни возила. Кај овој премин мора да се изгради и сообраќајна инфраструктура која ќе овозможи користење на возила. Македонците од областа Голо Брдо во Албанија преку овој граничен премин до Дебар ги делат само 15 километри! Владата на Република Македонија  мора да бара и од албанска страна овој премин да биде комплетно изграден и да стане премин од 2 класа односно да работи 24 часа за сите возила.

Македонци во Косово: 

Македонците во Косово ја делат сличната судбина односно овие наши сонародници имаа реалтивно добра политичка слобода односно имаат (секако градоначалник на о. Драгош)  пратеник во косовскиот Парламент преку Партијата на Македонците  „ Единствена горанска партија“, и историски гледано ова е првата партија на Македонците од Косово која после децениски напори, може да ги застапува интересите на Македонците од овој дел на Косово кој секогаш бил дел од историската територијата на Македонија! Прашањето за вметнувањето на косовските малцинства во Уставот е актуелно и за тоа се подготвува закон кој е основа за уставните измени. Македонците имаат веќе доставено барање за да бидат вметнати во Уставот но одговор од косовска страна нема и секако ова треба да биде приоритет на Владата на РМ во поставување на реципрочни мерки со властите во Приштина. Во Косовскиот дел на Гора во општината Општина Драгаш (кое е  седиште на истоимената општина) живеат околу 25.000 жители 8 села но поради тешко пристапниот предел населението на Гора (особено во Косово) константно се намалува а најчесто мигрира во Република Македонија, па според неофицијални информации  10.000 од нив имаат и македонски државјанства.

Сметам дека овие наши сонародници и вредни луѓе за разлика од политичкиот контекст, главен проблем им е економскиот и во тоа најголема одговорност носи Владата на РМ. Имено граничниот премин Стрезимир (Македонија) –Рестелица (Косово) кој беше изграден во 2003 година и за голема жал затворен во 2005 година, работеше само од Април до Ноември од 7 до 19 часот. Од Рестелица областа Гора, Косово до граничниот премин Стрезимир Македонија, Македонците имаат пат од само 22 км а од граничниот премин до регионалниот пат Маврово-Дебар уште само 19 км односно вкупно 41 км.

Сега за влез во Македонија преку преминот Блаце имаат 182 км.Овој премин е суштинска не само економска туку и политичка важност за Македонците од Косово бидејќи него можат да го користат Македонците од околу 20 села и претставува директна порта за културна и економска соработка помеѓу Македонците од двете страни на границата. Очигледна е потребата од поофанзивна дипломатија од страна на Владата на РМ за позитивно решавање на ова прашање, особено поради фактот што Македонија неколку пати има пружено огромна помош на Косово па секако мала услуга од косовска страна е повеќе од потребна.

Како и да е заедничко за политиката на РМ и кон Албанија и кон Косово изискува итно и неодложно изгласување во Собранието на Македонија  Декларација за Реципроцит по прашањето на малцинските права за сите соседни земји“. Со овој документ Владата на РМ мора јасно и недвосмислено да стави до знаење до сите соседни држави дека  дека малцинствата во Македонија ги уживаат сите права и дека во иднина по пат на реципроцитет правата и слободите на Македонците во соседните држави мора апсолутно да го имаа истиот третман.

Македонци во Бугарија:

За разлика од правата и слободите на Македонците во соседните земји, овие наши сонародници во Бугарија се чини како да го живеат најлошиот период од нивното постоење по однос на политички, културни и економски слободи. Мислам дека најголема причина за ова е тоа што ОМО “Илинден” – ПИРИН (Обединета македонска организација “Илинден” – Партија за економски развој и интеграција на населението) во Република Бугарија која беше формирана веднаш по падот на Комунизмот во Бугарија, во Ноември 1989 година и имаше освоено 5 градоначалнички места, нејзината регистрација беше поништена од Уставниот суд на Република Бугарија на 29 февруари 2000 година под образложение дека партија која изјаснува дека дел од територијата на Бугарија е туѓа и се залага за нејзиното отцепување од бугарската држава е против уставна и не смее да постои.

Покрај пресудите на Судот за човекови права во Стразбур во  корист на ОМО “Илинден” – ПИРИН , Комитетот на Министри при Советот на Европа одлучи да и се наложи на Бугарија да ја регистрира партијата, но Софискиот суд единствено дозволува да биде регистрирана како невладина организација. Сметам дека ова е моментумот кога Македонците од пиринскиот дел изгубија ентузијазам, водство а можеби и енергија да ја продолжат битката. Можеби и грешката лежи на страна на Македонците од Бугарија што не се реорганизираа подобро односно да го тргнат етничкиот предзнак од називот на партијата или комплетно и да го променат се со цел да бидат регистрирани како партија!

Некој ќе каже дека  најголемиот проблем е непризнавањето на Македонско малцинство и јазик од страна на официјална Софија но јас не сметам така од проста причина што кога Македоннците ќе добијат свои преставници во бугарското собрание ќе си осигураат голема можност за афирмација, визибилност и посилна соработка со колегите од Европа и македонското Собрание. Доказ зо ова се Турците односно турското малцинство во Бугарија што околу  9% или  590.000  кои живеат во Бугарија не се признаени од страна на официјална Софија и сеуште се третирани не демократски и понижувачки, меѓутоа Турците организирани и обединети околу својатаДвижењето за права и слободи“ која на последните парламентарните избори (Март  2017)  со 26 пратенички места претставува безмалку трета најголема партија во Бугарија! Ова  мора да биде и начинот на кој Македонците во Бугарија на еден легитимен, институционален и организиран начин ќе ги реализираат и афирмираат своите цели и приоритети. Не би ме зачудило и доколку нашите сонародници како маргинализирана група би ги барала своите слободи преку партијата на Турците…

Македонци во Грција:

Состојбата на Македонците во Грција секако во политичка состојба е крајно лоша но за некое чудо за разлика од Бугарија, овде Македонците имаат своја политичка организација „Виножито“ која како членка на Европската слободна алијанса од 2018 година се присутни во Европскиот Парламент. Но сепак иако оваа е одлична можност и порта за Македонците силно да ги артикулираат своите културни, политички и економоски потреби и слободи тие за жал како да не се целосно обединети околу оваа македонска партија, па често се случува на централно ниво 3-4 Македонци да бидат пратеници на „ Сириза“ и други партии а најмалку да бидат обединети околу „Виножито“. Мислам дека причините за ова во најголем дел лежат кај водството на оваа партија, стравот кај Македонците кој сеуште постои и лукративните причини кои се од персонален карактер.

Оваа партија мора да се окрупни, зајакне и да мобилизира млади подготвени лица кои ќе бидат идните градоначалници, советници и пратеници во грчкото општество. Сегашната состојба каде има само еден градоначалник од македонскиот етникум е тотално нереална и сметам дека секој еден кој ќе ги посети македонските средини во егејскиот дел на Македонија ќе забележи илјадници млади и стари Македонци како редовно со масовни собири слават празници, слави и други поводи со македонски музика и ора кои се силен доказ и потврда дека овие наши сонародници особено младите кои го немаат почувствувано ужасот од грчките служби ан своја кожа храбро и одважно во многу блиска иднина ќе бидат лидери во своите општини и изборни единици и на еден европски начин ќе се борат нивната различност да биде прифатена и институционално загарантирана.

Сепак како најголем проблем за нашите сонародници од овој дел на Грција ги сметам економските параметри односно високата стапка на невработеност на млади луѓе која е тенденциозна наметната (придонесува за иселување на младите) и од друга страна блокадите на грчката држава на потенцијалните економски соработки, коридори и можности од двете страни на границата. Најмалку два големи проекти се закочени во овој контекст кои би довеле до огромно економско зажививање и то се:

Граничниот премин  Маркова Нога кај Преспа, 1960 г. затворен од грчка страна кој не се знае кога повторно ќе биде  биде реотворен. Со отворање на овој премин драстично би се зголемила инвестирањето во инфраструктура, зголемена интерференција и економска соработка и со тоа  ќе  заживее преспанскиот регион од двете страни на границата. Наместо Македонците да вртат 150 км преку Меџитлија, за 2 километри би биле во првото македонско село. Вториот мега проект е железничката линија Битола-Лерин која со години е затворена  а која преставува главен железнички коридор помеѓу пристаништето во Солун преку Лерин до пелагонискиот регион Прилеп, Битола кој би отворил огромен потенцијал за трговија, транспорт и економска соработка за двете страни од границата.

Македонци во Србија:

По распадот на СФРЈ Македонците се официјално признато национално малцинство во Република Србија каде според пописот од 2011 година, во Србија живеат 22. 755 Македонци. Најголема концентрација на Македонци има во покраината  Војводина (местата Пландиште, Глогоњ, Дужине, Качарево и Јабука, централна Србија(Белград, Палилула, Панчево) и секако во Јужна Србија (Лесковац, Врање и тн.) . Поради живеењето во заедничка држава односите помеѓу Србија и Македонија се традиционално пријателски добри и прилично искрени. Со законски акти донесени од Владата на Србија македонскиот јазик како изборен предмет во основните или средните училишта може да се изучува во сите училишта на територијата на Република Србија, доколку има пројавен интерес од учениците.

Македонскиот јазик е официјален јазик во Општината Пландиште, селото Дужине (Војводина) и во Општина Јабука (Војводина) и село Јабука, Панчево. Главни македонски политички субјекти во Србија денеска се најновата „Партија на Македонците во Србија“ (основана 2016 год)  „Демократската партија на Македонците во Србија„ и невладиниот „Сојуз на македонските асоцијации“. Сите овие  партии се основани да ги претставуваат и застапуваат интересите на македонската национална заедница во Република Србија и да ги штитат и унапредуваат правата на нејзините припадници. Со цел сите овие субјекти да бидат похомогени во нивната работа во 2013 година во Македонската амбасада во Белград беше потпишана  Националната стратегија на македонското малцинство во Србија, во која беа наведени насоки на политичкото и културното дејствување на Македонците во Србија во наредните 10 години. Оваа стратегија беше потпишана од сите македонски политички партии во Србија.

За разлика од сите соседни земји Македонија има потпишано со Србија  „билатералната Спогодба“ за заштита на Македонците во Србија и Србите во Македонија која преставува одлична основа и можност за надградба на македонските политички и културни права. Во блиска иднина секако Владата на Република Македонија  мора да помогне уште да биде реализирана емисија на македонски јазик на програмите на државната радио и телевизија и македонскиот јазик  да биде изучуван и во другите основни училишта каде што Македонците живеат во значителен број. Со ова Македонците би ги добиле истите права што ги уживаат Србите во Македонија и ова дефинитивно би преставувало светол пример како соседените малцински прашања треба да бидат решавани.

Финално во идина треба да биде напоменето дека Македонија мора по конкретно  да ја исполнува својата уставна обврска и подобро да се грижи за своите сонародници надвор од матичната држава, при тоа силно и дословно да се повикува на резолуциите и стандардите на ЕУ, ОН, ОБСЕ и др.за заштита на малцинските јазици и народни групи. Досегашното пасивно грижење на нашите сонародници во соседните држави мора да биде сменето, во спротивност грижата ќе ја преземат други центри а тоа ќе биде генерална катастрофа за сите Македонци и државата Република Македонија.

Македонски весникот “Илинден”: Во моментов, владите на Македонија и Грција има потпишано договор како го оценувате договорот, како е вашто мислење за референдумот?

Веднаш да направам корекција ова е Договор помеѓ Грчката Република („прва страна“) и „ втората страна“ -се мисли на нашата држава. Веднаш во преамбулата на Договорот стои дека страните биле водени оддухот на принципите на демократија, почитување на човековите права и основните слободи и достоинство И понатаму кога го читате Договорот веднаш констатирате дека Македонија нема дури ни да помириса нешто од овие горе наведени убави еуфезми, и тоа само поради неколку следни причини  кои ќе ги наведам неодејќи многу во детали бидејќи самиот   Договорот наликува на читање дела од Кафка  и Гете воедно :

а.) Официјалното име на втората страна да се промени во „Северна Република Македонија“ која ќе биде уставното име на Втората страна и ќе се употребаува за цел свет!

б.) Националноста на Втората страна ќе биде граѓани на Република Северна Македонија  и ќе биде запишана во сите патннички документи!

в.) Ознаките на регистарските таблички на Втората страна ќе бидат НМ или НМК!

г.) Сите официјални тела на Државата и јавните институции ќе бидат прекрстени во „… на Република Северна Македонија“ или „..на Северна Македонија“!

ѓ.) Втората страна ќе ги извести сите релевантни, меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми да го усвојат новото име на државата!

е) По влегување на Договорот во сила престануваат да се користат термините „ Македонија“ и „ Република Македонија“!

ж.) 6 месеци по стапување на Договорот во сила, Втората страна ќе направи ревизија на спомениците, јавните згради и инфраструктурата и доколку има во нив елементи на античка историја што потсетуваат на првата страна тогаш Втората страна ќе мора да ги промени овие работи!

з.)  6 месеци по стапување на Договорот во сила, Втората страна ќе мора да го отстрани симболот „ сонцето од Кутлеш“ од сите јавни места на нејзина територија! И ќе мора да ги ревидира учебниците, историските атласи, наставни водичи и тн. Наведов  само мал дел од овој ужасен Диктат (а не Договор) кој Македеонците треба да го голтнат и на најавениот референдум слободно да си го изгласаат. Во самата фаза на доаѓање до овој историски  Не-Договор не беа конуслтирани ниту Претседателот на Република Македонија ниту опзицијата, ниту домашната и странска стручна фела ниту пак граѓаните на Република Македонија, токму напротив сите овие беа на некој начин прелажани дека црвените линии на Македонија нема да се преминуваат, па дури и неколку пати од страна на Премиерот на Владата и останатите владини функционери  беше сопштувано дека на памет не им паѓа да менуваат уставно име на државата. Сметам дека ова е тотално антидемократски, антицивилизаски, антиуставен, антимакедонски, антиевропски и недостоинств  „Франкенштајн-Договор“ кој доволно  беше коментиран и анализиранн во јавност, па од таа причина би сакал повеќе да се фокусирам на периодот по одржување на референдумот бидејќи по мене токму тој период е многу побитен за решавање овој горлив проблем. Имено, како наближува датумот за референдумот веќе огромен број на македонски граѓани во државата, македонската дијаспора (која не е мала, околу 1.800.000 Македонци), македонските национални малцинства од Балканот но и добар дел од самата политичка партија на власт најавува дека ќе го бојкотира овој изнасилен референдум. Со тоа јасно можеме да заклучиме дека Македонците сериозно се загризжиле за опстанокот на државата и како никогаш досега се обединиле околу спасот на татковината! Главните европски политички центри и лидери  веќе го препознаа ова  и сосема свесни дека самиот Договор се коси со сите можни закони, резолуции и практики на ЕУ за стварање подобор и подемократки европски континент, овој Договор е проблем и за Европа бидејќи овој квази-Договор ја враќа Европа минумум 70 години назад, а тоа за нив е неприфатливо и срамно.

Од тука се поставува клучното прашање : „ Што после 30 Септември“ Сметам дека актуелната власт по пропаѓањето на референдумот,  која впрочем е катадневно критикувана за сомнително доделување на тендери, проекти, непотизам, енормно задолжување на државата, неисполнети ветувања кон гласачите и од локална и од центрана власт, стагнација на економијата, катастрофален степен на економски раст, пораст на криминал, немање реформи во скоро ниеден сектор, немање политички диајалог и тн. ( тотално разочарување од меѓународната  заедница), веќе со пропаднат референдум станува политички „ мртовец„. Навистина постоењето на актуелната Влада која требаше да биде реформска, економска, прогресивна и тн.. тотално губи секаква причина за понатамошно постоење. Од таа причина, Договорот автоматски пропаѓа но под притисок на ЕУ и САД ќе остане и понатаму потребата од некаков нов Договор помеќу Грција и Македонија кој идната нова Влада која и да биде од 2019 година ќе биде соочена повторно да бара начини како да дојде до подобар Договор кој ќе го одблокира патот за членство на Македедонија во НАТО.

Макеоднски вестник “Илинден”: М-р Андреа Алексовски, Ви благодарам за интервјуто, во име на Македонски весник “Илинден”, Ви благодарам за соработката и ви посакувам лични и професионални успеси.

Македонски весник „Илинден“

Главен и одговорен уредник: Никола Ѓурѓај