Ексклузивно интервју за весникот “Илинден”: Ванчо Шехтански претседател на Трајно македонско радикално обединување (ТМРО)

Весникот “Илинден”: г-дин Ванчо Шехтански, ве молиме дадете кратка биографија за вас и вашата партија да се запознаете со читателите.

Шехтански Ванчо е адвокат по професија, роден на 1972 година во Скопје, женет со сопругата Биљана и татко на две ќерки. Како адвокат Ги водев скоро сите предмети од војната 2001, ја водев постапката против водството на ОНА во Хаг, а од 2009 бев именуван за прв директор на Агенцијата за конфискација, односно ги правев законските решенија и подзаконските акти и ја ставив во функција како институција за борба со организираниот криминал. Но од денешна гледна точка мислам дека моето именување било заради мое тргање од Хашките предмети, а дека е така се гледа и по тоа дека владата без причини ме разреши во септември 2010 и ме именува за директор на државниот инспекторат за локална самоуправа. И тука бев автор на Законското решение и оваа институција ја основав како посебен правен субјект кој вршеше контрола на работата на општините односно, благодарение на овој субјект, тие сеуште беа под контрола на централната власт. Во периодот од 2008 до 2010 бев претседател на Македонскиот спортски бренд ФК Вардар. Партијата ТМРО ја основав 2002, како чисто национална партија на Македонците но со оглед на условите во кои се наоѓаме сите ние Македонците на овие простори, тешко се пробиваме на политичката сцена во смисла на пратеници или министри, со оглед да Македонците и во Република Македонија не се на власт и не ја контролираат државата.

Весникот “Илинден”: Во моментов, владите на Македонија и Грција преговарат за решавање на спорот со името, кој е ставот на ТМРО?

Македонија нема спор со Грција. Грција го анектираше Беломорскиот дел во 1912 и тоа треба јасно и гласно да зборува.Напротив нелогично е 28 години да не се постави Македонското прашање во Грција, да не се бара враќање на наследниците на бегалците, враќање на имотите, осуда на геноцидот што Грчката држава го има направено, како и права за Македонскиот народ во Беломорска Македонија за културна автономија. По однос на односите со Албанија, Македонската држава чудно и нелогично не бара реципроцитет, колкави права за Албанците во Македонија толкави и за Македонците во Албанија што само укажува на тоа дека со Република Македонија не владеат Македонци, туку Српските структури кои успешно се инволвирани во сите сегменти посебно во политичкото миље. Никој нема право да преговара за име на народ и тоа е светски преседан рамен на невидена глупост.

Весникот “Илинден”: Како ја гледате ситуација во Македонија?

Ситуацијата во Македонија е 28 години иста, се работи максимално на уништување на се што е Македонско се форсира иселување на Македонците и губење на секакво национално чувство, со еден збор, состојбата на Македонците и во Албанија и во Бугарија и во Грција и во Србија е иста како и на Македонците во Република Македонија. Без национално единство и силна организација на Македонците на Балканот за остварување на националните права ќе останеме народ без иднина. Нашата организираност треба да биде по урнек на Еврејскиот народ кој од пепел се издигна во релевантен субјект. Да не заборавиме ,ние Македонците сме еден народ од Црното до Белото и Синото море и дека живеел и живее еден народ, народот на сонцето- Македонскиот.

Весникот “Илинден”: ТМРО како ги проценува правата на Македнците во Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Косово и кој е ставот на ТМРО ?

Македонското прашање мора да се отвори без криење на работите, мир на овој полуостров нема да има се додека не се реши Македонското прашање во глобала . Македонска држава, Македонски јазик, Македонски народ со Македонски национални симболи исти за сите Македонци каде и да се, баш исто како вашиот на друштвото Илинден, да сте живи и здрави сите и да го носите и чувате Македонскиот ген секаде и секогаш.

Вестник “Илинден”: г-дин Ванчо Шехтански, Ви благодарам за интервјуто, во име на  весник “Илинден”, Ви благодарам за соработката и ви посакувам лични и професионални успеси.

 

Македонски весник “Илинден“

Главен и одговорен уредник: Никола Ѓурѓај

Advertisement