Екслузивно интервју за Весникот „Илинден”: Стојко Стојков претседател на ОМО “ИЛИНДЕН”- ПИРИН 

Д-р Стојко Стојков роден е на 16 април 1974 година во Сандански, Пиринска Македонија, Република Бугарија. Основно и средно образование завршив во родниот град, а универзитет во татковината Република Македонија на Филозофскиот факултет Институт за историја. На истиот факултет магистрирал и докторирал на теми од македонската среднвековна историја. Јавноста го знае како претседател на ОМО “ИЛИНДЕН”- ПИРИН.

Весник „Илинден“: Колку брои Македонското национално малцинство во Република Бугарија?

Д-р Стојко Стојков: Благодарение на бугарската политика на негирање на македонската нација генерално, како и на негирањето на македонското малцинство кое живее и работи во Република Бугарија, немаме точни податоци. Последниот попис на кој Македонците можеле слободно да се изјаснат спроведен во 1956 год. покажа 187 000 Македонци во бугарската држава. Од тогаш државата при секој попис прави секакви можни манипулации и притисоци да ја намали бројката. Во 1992 година ја направи 10 803, во 2001 г – 5071, а во 2011 г. – 1600. Меѓутоа последните бројки се далеку од реалноста и луѓето со македонска самосвест се многу пати повеќе. Но дури и овие намалени официјални бројки би требало да доведат до признавање на очевидниот факт дека во Бугарија има македонско национално малцинство. Сепак државата официјално со сите свои институции тоа го негира – почнувајќи од парламентот во 1990 година, та до Уставниот суд во 2000 г. сите тие официјално имаат изјавено дека македонско малцинство во Бугарија не постои. Уште полошо бугарски министри често тврдат дека во Бугарија нема малцинства, а дури и кога велат дека има тврдат дека истите не се „национални“. Бугарија несомнено е првенец заедно со Грција во дискриминацијата на малцинствата во Европската унија.

Весник „Илинден“: Со кои проблеми се соочува, ОМО “Илинден”- ПИРИН и македонското национално малциство?

Д-р Стојко Стојков: Првиот е во тоа што бугарската официјална политика претендира дека се македонско е бугарско. На база на тоа се негира постоењето на македонска нација и малцинство, а сите што тврдат дека се Македонци по народ и нација се третираат како предавници, родоостапници и странски агенти. Во училиштата Македончињата учат дека тие и нивните предци биле Бугари. По телевизијата и радиото сите Македонци слушаат дека нема македонска нација, дека тоа е измислица на Коминтерна, а дека се е бугарско. Создадена е таква атмосфера на нетрпеливост што ниту еден политичар и ниту една партија нема храброст да се застапи за правата на македонското малцинство. Освен оваа крајно непријатна клима, тука е и невозможноста да се регистрираат македонски партии и организации. Сите што ги имаме се нерегистрирани, независно што повеќе пати пробале да се регистрираат. Република Бугарија е осудена поради тоа осум пати во Европскиот суд за човекови права, но и покрај тоа ништо се нема сменето. Така Македонците не можат да избираат свои претставници во системот на власта и остануваат беззаштитни жртви на политиката на асимилација и дискриминација. Државата на никој начин не предвидува поддршка за изучување на македонски јазик и историја или за развој на македонската култура. Реално секој може да ги навредува Македонците во Бугарија како што сака и колку што сака без за тоа да му биде побарана одговорност. Во сите случаи кога сме се обидувале да реагираме преку институциите против такви навреди – институциите ги заштитуваат навредувачите, а не нас. Државата исто така независно од сите препораки од страна на меѓународни институции – одбива секаков дијалог со Македонците.

Весник „Илинден“: Кои се идни чекори ОМО “ИЛИНДЕН”- ПИРИН во однос на заштита на интересите на Македонското национално малцинство?

Д-р Стојко Стојков: Основна цел сега ни е да ја разбиеме блокадата пред регистрација на македонски организации. За целта работиме со меѓународни институции, а битката се води во Комитетот на министрите. Втората линија на борба е преку набљудување на положбата на правата на Македонците во Бугарија и соопштување на резултатите во годишни извештаи, кои потоа ги дистрибуираме до сите заинтересирани организации и институции. Се трудиме и да го информираме општеството за положбата на малцинството а исто така и нашите луѓе за се што се случува со нашата борба. Се обидуваме да започнеме дијалог со властите. Тоа се моментално нашите приоритети.

Весник „Илинден“: Од кога ОМО “ИЛИНДЕН”- ПИРИН е член на Европската слободна алијанса (ЕСА) кои се идни планови во однос на заштита на интересите на Македонците во Бугарија во меѓународен план?

Д-р Стојко Стојков Ние станавме прво набљудувачи во 2005 година а потоа официјално член во 2006 година. ЕСА се ангажираше повеќе пати во заштита на македонското малцинство во Бугарија преку праќање писма, декларации, поставувајќи прашања во Европскиот парламент и предлагајќи законски амандмани во наша корист.

Весник „Илинден“: Вашата порака до Македонското национално малциство во Република Бугарија?

Д-р Стојко Стојков: Малцинството треба да го почитува мнозинството, но треба да го натера мнозинството да го почитува и самото него. Како? Не превиткувајќи грб, не откажувајќи се од тоа што сме, туку храбро и достоинствено да го браниме своето. Ако достоинствено настојуваме да го заземеме своето место во општеството – ќе не почитуваат. Само така навистина ќе бидеме прифатени. Ако пак сами не ги штитиме своите права и интереси никој друг нема да го направи за нас, а ниту пак некој ќе се сообразува со нас.

Весник „Илинден“: г-дин Стојко Стојков во името на Македонски весник „Илинден“ ви благодариме за интервјуто ви посакуваме успеси во вашата работа.

 

Македонски весник „Илинден“                                                                                                                            

Главен и одговорен уредник: Никола Ѓурѓај

 

Advertisement