Георгиј Салиба: Христијаните на Блискиот Исток во тешка ситуација ќе исчезнат

Георгиј Салиба, сиројаковитски епископ на Гората Либан и на Триполи, не е оптимист за иднината на Христијаните на Блискиот Исток. „Ако ситуацијата остане како што е сега, Христијаните на Блискиот Исток ќе исчезнат во рок од една деценија, па дури и во Либан“, рече тој во интервју за L’Orient-Le Jour.

Сепак, Георгиј Салиба не е песимист. Тој е цврст човек со сила и вера. Роден е во Сирија и припаѓа на една заедница која што е жртва на масакри и раселувања. Епископот е многу добро запознаен и свесен со кревкоста на Христијаните на Блискиот Исток. „70% од Христијаните во Сирија ја напуштиле својата земја од почетокот на војната во 2011 година. Земјата имаше повеќе од два милиони Христијани. Тие живееја главно во Алепо, Дамаск, Вади ал-Нассара и Хасаках (област во која постоеја низа малцинства). 85% од Христијаните во Ирак, кои беа околу 1,5 милиони во 2003 година, по падот на Садам Хусеин, повеќе не живеат во нивната земја. Нивниот егзодус беше забрзан со доаѓањето на Исламска држава во 2014. Тие беа од Багдад, Мосул, Ниневија, Закхо и Дохук“, објаснува тој.

Овие раселени Христијани од Блискиот Исток се населија во Канада, Австралија и Европа, во земји како што се Германија, Шведска, Холандија и Белгија. „Христијаните кои го напуштиле регионот никогаш повеќе нема да се вратат во својата татковина. Тие ќе се соберат во своите цркви, а нивните деца постепено ќе го изгубат своите корен на Блискиот Исток. Пред 1400 години, ја изгубивме употребата на нашиот арамејски јазик поради муслиманските освојувања. Денес, поради муслиманскиот фундаментализам, ќе си го изгубат и арапскиот јазик кој совршено го владеат“, коментира Архиепископот Салиба, научник кој знае на памет илјадници песни на арамејски и арапски јазик.

„Во Либан, голем број на Христијани од сириска припадност, заедница која во моментов брои 80.000 души, се отселија со почетокот на граѓанската војна во 1975. Повеќето од нив се наследници на преживеаните од масакрот Сеифо во 1916 година под Отоманската империја, кои не поседуваат либанско државјанство. Тоа е една од причините што ги натераа да заминат“, продолжува тој.

Иднината му припаѓа на исламот

За поголемиот дел од Христијаните, Либан претставува идеална земја, за којашто сонуваат да постане нивно засолниште. Тоа е така бидејќи претседателот е Маронит, неговата администрација има добра рамнотежа помеѓу мажи и жени, а се почитува исто така и слободата на религијата и плурализмот.

„Единствениот либански шеф на државата кој ја сфати важноста на Либан за Христијаните на Истокот беше Камил Шамун. Тој конкретно работеше, за време на неговиот мандат 1952-1958 година, да го направи Либан земја засолниште за сите источни Христијани. Оттогаш, никој не бил повнимателен од него по прашањето на Христијаните во Турција, Палестина, Сирија, Ирак и Јордан“, забележа тој. Камил Шамун помогна на многу Христијани од регионот кои се населија во Либан, да добијат либанско државјанство, знаејќи дека националноста не се стекнува со раѓање на либанска територија, но со право на крв. Архиепископот Салиба одговори на прашањето: „Потребно е либанските политички лидери од христијанска припадност да се разбудат, да ја проценат опасноста во која сме, и да дејствуваат соодветно. Но, со оглед на начинот на кој се работи, воопшто не сум оптимист за тоа.“

„Сиријците (како и Ерменците, Асирците и Грците од Константинопол) се потомци на преживеаните од масакрите. Да, ние имаме голем број на цркви во Турција, на пример во Тур Абдин, Диjарбакир, Урфа или Мардин… Да, тие се убави и стари и сведочат дека овој регион му припаѓал на Христијанството. Но, за што се тие, ако се празни и затворени, ако нема повеќе парохјани?“ – настојува сирискиот епископ, пред да продолжи – „Тие велат дека областа Либан е 10.452 км². Што ќе користи ако оваа земја е испразнета од нејзините Христијани?“

За Високопреосвештениот Салиба, отворен и толерантен човек, чија врата е отворена за сите, „иднината му припаѓа на исламот“. „Погледнете што се случува во Европа во моментов. Западот, кој е атеистички, со демографски промени и поместување на популациите што се случуваат денес, на крајот ќе стане исламистички. Оваа исламизација нема да влијае само на Блискиот Исток од кој христијаните ќе исчезнат, туку на цела Европа, која ќе стане не само атеистичка туку и муслиманска“, заклучува тој./www.bigorski.org.mk

 

Advertisement