Ѓурѓај: Македонците во Албанија бараат задолжителна графа за пописот на националноста

 

Македонскиот аналитичар во Албанија Никола Ѓурѓај, кој е и главен уредник на весникот „Илинден“ кој се печати во Тирана, изјави дека Македонците во Албанија го поздравуваат воведувањето на графата за националност и вера во пописот најавен за 2020 година, но не се согласуваат со тоа, изјаснувањето за националноста и верата да биде незадолжително.

„Добро е што официјална Тирана конечно реши на пописот да има графа и за националната и верската припадност. Но со оглед дека во најавениот попис за 2020 година има два дела на прашања, Македонците во Албанија бараат графата да биде во задолжителниот дел, а не во делот каде што граѓаните не мора да се изјаснат“ оценува Ѓурѓај за Макфакс.

Ѓурѓај кој инаку е добар познавач на состојбите со малцинствата во Албанија, додава дека официјлна Тирана треба да спроведе попис на кој сите граѓани ќе можат да се изјаснат задолжително за својата национална и верска припадност, за да се знае бројот на малцинствата во земјата. Македонците преку политичките партии и граѓанските здруженија ќе бараат од надлежните институции пописот во 2020 година за националноста и верата да има задолжителен карактер, а не необврзувачки, додаде Никола Ѓурѓај за Макфакс.