Интервју со Мартин Расел, консултант за прашања поврзани со Дијаспората – Зошто Дијаспората е важна

1. Кажете ни нешто повеќе за себе (работно искуство, активни проекти) од аспект на тоа како сте се заинтересирале да го потпомагате разрешувањето на проблемите кои ги има дијаспората, покрај вашиот директен интерес кон ирската дијаспора.

Мојата поврзаност со дијаспората постои веќе многу години, а иницијално мојот интерес кон тоа беше поттикнат од мојата академска работа, со оглед на улогата на ирската дијаспора во мировниот процес во Северна Ирска. Оваа работа ми ги отвори очите за тоа како заедниците создадени во дијаспората се вмрежуваат и можат да иницираат економски и социјални промени, како во родната земја така и во странство. Ова ми даде енергија да изградам сектор за ангажман на дијаспората и да ги охрабрам луѓето да ги споделат своите искуства и идеи. Кога го завршив моето истражување, имав среќа да бидам ангажиран и да поминам извесно време во истражување на проект потпомогнат од ирското Министерство за надворешни работи и трговија, во потрага по тоа како најдобро да се поддржи следната генерација на ирска дијаспора. Потоа, следеше посета на Универзитетот на ОН (УНУ-МЕРИТ) во Мастрихт, каде му помагав на еден драг пријател и ментор, Кингсли Аикинс, кој со неговата работа за “Дијаспората е важна” ме доближи до советодавни, консултантски и стратешки работи од целиот свет на дијаспората. Имав задоволство да работам со одлични клиенти од јавниот и приватниот сектор, кои ми овозможија да се втурнам кон ново размислување за ангажманот на дијаспората и да го напуштам секторот во подобра позиција од тоа каков беше кога дојдов (или барем се надевам дека е така). Во моментов, придонесувам кон развојот на работата на дијаспората во области како што се Ирак, нешто што не можев да го замислам додека пишував за ирската дијаспора пред неколку години.

2. Дали придобивките од дијаспората се повеќе од економски?

Секако. Да бидеме искрени – многу внимание за ангажманот на дијаспората произлезе од зголеменото внимание кон некои од големите броеви на миграциско-развојниот однос. Зборуваме за милиони мигранти, милијарди дознаки и така натаму. Па така, многу голем дел од енергијата е фокусирана на економскиот ангажман на дијаспората, што е и природно. Иако ова е важно, капиталот на дијаспората доаѓа во многу форми – не само економски. Јас сум голем верник дека оваа работа треба да биде забавна и да обезбеди патишта преку кои може да се случи економска дебата. Една од тешките реалности на овој бизнис е тоа што ова сепак наликува на спорт базиран на контакти – вашиот успех најверојатно ќе зависи од квалитетот на вашите врски и идеи. Тоа е индустрија на луѓе. Ова функционира во мали броеви и често, во не-економски области. Понекогаш преголем фокус е ставен на економскиот аспект со што и води кон “краткотрајност” на трансакциски размислувања. Потребно е градење на односи, прифаќање на својата ранливост и можност за забава додека го градите сето ова. Потоа ќе почнете да гледате дека придобивките од ангажманот на дијаспората се далеку поголеми од економски – на индивидуално и институционално ниво.

3. Што е потребно за да се изгради мрежа преку која се наоѓаат и одржуваат комуникации со клучни и влијателни индивидуи од дијаспората?

Градењето на мрежа е начин на размислување за кое е потребен одреден напор, трошок и време за извршување. Без сомнение, лидер на пазарот за мрежно поврзување (генерално, а и специфично за дијаспората) е Кингсли. Вмрежувањето е вештина и е важно да се третира така. Тоа е вештина која вие самите можете да ја подобрите, или пак вашиот институционален персонал може да ја направи централна компонента за тоа како тие го замислуваат нивното значење. Се разбира, вие исто така треба да поминете низ добар тренинг и искуство во самото поле за да ја развиете оваа вештина. Но, се започнува од начинот на размислување – треба да бидете во можност емотивно да се вложите во ова а и физички да се посветите. Не го работете ова со половина срце; тоа ќе направи повеќе штета отколку добро. Јас сум постоечки доказ дека оваа работа функционира и ја охрабрувам вашата мрежа да му се јави на Кингсли. Вмрежувањето веќе е мејнстрим, па затоа инвестирајте во тоа. Во однос на вештините вклучени во целокупниот процес, клучни се знаењата како истражувањето, одржувањето, понудата и менаџментот. Ова се, во многу случаи, оперативните чекори. Но, не заборавајте ги “меките вештини” како давање и градење на доверба. Кога сте во комуникација со влијателни личности, ќе видите дека тие се влијателни личности со причина. Одделете време да ги запознаете подобро, а и да пронајдете начин како може да бидете од помош. Бидете автентични, грижливи, етички и сигурни – тоа е најмалку што можете да направите.

4. Каков долгорочен фокус треба да има една организација која се занимава со дијаспората?

Тоа зависи од видот на организацијата. Ако гледаме во глобала, точно е дека многу организации од дијаспората се богати со идеи, но сиромашни со пари. Добрите намери може да ве одведат само до одредено ниво. Со тоа, многу организации кои работат со дијаспората на долгорочен план, својот почеток треба да го посветат на оперативен развој. Обидете се да ја разберете вашата понуда или услуга и да ги идентификувате партнерите. За жал, повеќето организации се борат за воздух во моментот кога ќе стане збор за човечки или финансиски ресурси. Ние треба да ја промениме таа култура.

Оние кои можат да ја израмнат организациската со оперативната компонента, можат навистина да ги трансформираат нивните сектори. Со зголемување на бројот на мигранти и негативната слика за миграцијата на глобално ниво, дијаспората прерасна во индустрија со постојан раст! Влезете во процес на стекнување на талентиран персонал (добро платен), разбирање на индикаторите на владеење и стекнување на инспирација за вашата група (преку клиенти или на друг начин). Со тоа, долгорочниот фокус станува полесно достапен. Еден аспект на долгорочна стратешка работа што се уште не се вклопува добро во работата на организациите кои работат со дијаспора е потребата за агилност и флексибилност. Ова ќе биде важна организациска валута за иднината – осигурајте се дека вашата организација е спремна да го следи темпото на промени.

5. Како може организација која работи со дијаспората да има влијание врз владата, а притоа да остане политички неутрална?

Прво, прашајте се: “Дали тие треба воопшто да имаат одредено влијание врз владата?” Со други зборови, има непотребно преголема политизација на ангажманот на дијаспората. Се разбира, ќе има моменти кога ќе се усогласат двете области – на пример, во потенцијалната законодавна реформа за да се изгради кохерентна инвестициска клима за дијаспората. Заедничкото влијание меѓу владата и дијаспората најдобро функционира кога се дискутираат “лесни теми”. Во многу случаи, на дијаспората не и е потребна владата за да стине до својата цел, и обратно. Зголемувањето на бројот на владините политики кон ангажманот на дијаспората исто така им овозможува на владите и дијаспората да разговараат едни со други. Во овој тип на комуникација важно е да бидете искрени и да слушате (без сомнение некои луѓе ќе слушнат работи што не сакаат да ги слушнат!). Ова е веројатно природниот начин преку кој организациите кои работат со дијаспората можат да влијаат на владите. Секоја дополнителна работа во овој поглед ќе зависи од намерите и природата на организацијата – според мене, ако политичичката неутралност е ставена на преговарачка маса, тогаш организациите треба целосно да ја избегнуваат политиката! Друг начин на гледање на ова, е преку улогата на застапување на заедниците од дијаспората – ова може да биде моќна алатка, но најдобро е да се направи на ниво на заедница, а не на организациско ниво, бидејќи ја расипува поделбата на организациско ниво.

6. Кои се најдобрите начини за развивање на филантропијата на дијаспората?

За мене, ова е возбудливо и важно прашање на нашето време кога се однесува на ангажманот на дијаспората. Тешката реалност на глобалната развојна агенда е дека алатките за традиционален развој не можат да си го дозволат ова. Зголемените влијанија на приватното богатство за јавно добро ќе продолжат да се градат. Во смисла на филантропијата од страна на дијаспората, треба да споделиме повеќе приказни и да насочиме повеќе енергија кон сето ова, се со цел и да ја разбереме самата филантропија. На пример, опсегот на академска работа на оваа тема треба да се надгради. Имавме некои извонредни рани движења на овој терен, но потребна им е поголема поддршка. Од практичен аспект, јас цврсто верувам дека доколку се ангажирате во некоја област (дали тоа било филантропија или нешто друго), важно е да се впуштите во духот и практиката на тоа подрачје. Јас би го поттикнал секој што сака да развива филантропија – дали тоа би било во дијаспора или на друго поле – да помине извесно време учејќи за потеклото и историјата на самата филантропија. На пример, филантропијата честопати е лошо изразена како добротворна активност. Постојат различни размислувања и феномени. Добротворство е давање со цел ублажување на последиците од болестите на нашето време, додека филантропијата постои со цел да се справи со основните причини за овие болести. Тоа се многу различни крајни цели. Значи, за да развиете филантропија, треба да ја разберете на подлабоко ниво, бидејќи тоа сепак претставува еден поинаков и подлабок начин на давање. Освен тоа, некои од клучните вештини – да бидете професионални, паралелно со можноста да бидете автентични, грижливи, етички и сигурни (звучи познато!) се доста важни./www.macedonia2025.com