Интервју за Фактор: Никола Ѓурѓај претседател на македонското друштво “Илинден”-Тирана

Македонците во Aлбанија во последно време се мета на бугарската држава, се обидуваат да најдат некакви Бугари во Албанија што ги нема, вели во интервју за Фактор, Никола Ѓурѓај, претседателот на Македонското друштво, „Илинден“ од Тирана. Тој зборува за проблемите со кои се соочуваат Македонците во соседна Албанија, но и за тоа кои права ќе ги добијат со новиот предлог закон за малцинства кој неодамна е усвоен.

Фактор: Какви права ќе добијат Македонците во Албанија со новиот предлог закон за малцинства кој е усвоен во април годинава?

Македонците во Албанија, со децении го бараа донесувањето на законот за малцинства. Не само Македонците во Албанија и сите малцинства тоа го бараа,  еве дојде до историски момент, владата го усвои предлог законот и се чека да завршат парламентарните избори што ке се одржат на 25 овој месец за Собранието да го изгласа предлог законот донесен од владата и да стапи во сила. Секако со донесувањето на законот барањата на Македонците во Албанија ќе добијат правна рамка да можат да се остваруваат тие права на пример учењето на македонски јазик во областа Голо Брдо, Гора и секаде кај што има Македонци во Албанија во позначителен број.

Фактор: Често се калкулира со бројот на Македонци во Албанија. Кој е најрелевантниот податок за тоа колку брои македонското малцинство во Албанија?

Во Aлбанија последниот попис е бојкотиран од малцинствата,  нема точен број за малцинствата.  Македонците во Албанија се 120.000,  ги има во областа Голо Брдо, Мала Преспа, Гора како и на цела територија на Албанија.

Фактор: Се спасија ли Македонците во Албанија од „побугарчување“ откако Европскиот парламент ја усвои резолуцијата во која се потврдуваат правата на бугарското население во Албанија?

Македонците во Aлбанија во последно време се мета на бугарската држава, се обидуваат да најдат некакви Бугари во Албанија што ги нема. Европскиот парламент донесе една резолуција срамна и без основа.  Донесениот закон за малцинства во Албанија јасно кажува кои малцинства се во Албанија признати, тука нема дилеми. Македонците во Албанија им препорачуваат на бугарските емисари дека залудно се обидуваат да најдат Бугари во Албанија кои ги нема.

Фактор: Имаше одредени изјави во изминативе години дека е можно со текот на годините бројот на Македонци во Албанија да се намали со тоа што ќе се иселат барајќи подобри услови за живот или дека ќе бидат асимилирани. Можно ли е ова да се случи?

Македонците во Aлбанија ги имало со векови и ќе ги има на тие простори во нивните огништа, секако има миграција за подобар живот, секако и асимилацијата гo прави своето, секако дека преставниците на Македонците во Албанија прават сѐ што е во нивна моќ регионите кај што живеат Македонците да имаат подобри услови за живеење.

Фактор: Кој е најгорливиот проблем со кој се соочуваат Македонците во Албанија?

Македонците во Aлбанија имаaт најголем проблемсо  признавањето во Голо Брдо, Гора како и на цела територија. Тоа е од најглавните проблеми, секако има и други проблеми како учењето на мајчин јазик и други економски проблеми.  Се надеваме дека овие проблеми ке се решат.

Сања Атанасовска