Иванов-Темер: Поттик за стопанската соработка меѓу Македонија и Бразил

 

Постигнавме визна либерализација за нашите граѓани, ја поттикнавме стопанската соработка и веќе до институциите на Бразил е поднесена правната рамка за регулирање на нашите билатерални односи, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по средбата со претседателот на Бразил, г. Мишел Темер. Македонскиот претседател истакна дека ова е историска посета чиј повод е отворањето на првата амбасада на Република Македонија во Латинска Америка.

Средбата со бразилскиот претседател Иванов ја оцени како содржајна и конструктивна, што отвора можности за продлабочување на идната соработка меѓу двете земји, особено на економски план. Разговаравме за досегашната соработка што ја имаат нашите компании и поединци во Бразил и можностите кои ги нуди Македонија за да можат бразилските компании да бидат присутни во нашиот регион, изјави претседателот Иванов. Македонскиот претседател потенцираше дека Македонија и Бразил имаат одлична мултилатерална соработка. Македонија секогаш ги поддржува кандидатурите на Бразил и исто така е во групата што ги поддржува иницијативите на Бразил за реформи на Советот за безбедност на ОН, изјави шефот на државата.

Бразил, додаде македонскиот претседател, е една од најбрзорастечките економии во светот, членка на Г20 и членка на БРИКС, и отвора огромни можности за културна, научна и соработка во сите други области. Во обраќањето на заедничкиот ручек со бразилскиот претседател, претседателот Иванов изрази надеж дека и Бразил ќе отвори своја амбасада во Република Македонија, додавајќи дека Македонија високо го цени признавањето на нашето уставно име од страна на Бразил. Иванов додаде дека во план е и склучувања на повеќе билатерални договори со кои ќе се дополни правната рамка за соработка во повеќе области, трговијата, земјоделството, образованието, науката, медицината, инженерството и технологиите.

Претседателот на Република Македонија попладнево во Палатата Планалто во Бразилија, беше пречекан со највисоки државни почести од страна на бразилскиот претседател, г. Мишел Темер. Ова е прва официјална посета на Претседател на Република Македонија на Федеративна Република Бразил и на Латинска Америка. Во рамки на посетата претседателот Иванов ќе присуствува на свеченото отворање на Амбасадата на Република Македонија во Бразилија, прва резидентна македонска Амбасада во Латинска Америка.

Advertisement