Книга на Григор Прличев во музејот на Ѓерѓ Кастриоти Скендербег во Круја

 

Книга на Григор Прличев  “Скендербег” во музејот на Ѓерѓ Кастриоти Скендербег во Круја поклон од Амбасада на Република Македонија во Тирана

Григор Прличев наjголемото име на македонската литература во XIX век. Григор Прличев е несомнено најголемиот поетски талент помеѓу македонските книжевници од овој период. Истовремено тој е типичен пример на македонските интелектуалци од XIX век, кај кого дојдоа до израз главните политички и културни струења и заблуди, настанати врз основа на општествено-економските прилики во Македонија. Врз основа на тогашните актуелни прилики во земјата Прличев се јавува како супериорен литерат кој според јазичната припадност е всушност тродомен автор: грчки, бугарски и македонски. Тој во себе истовремено ги обединува специфичните и карактеристични елементи на класицизмот и романтизмот, кои како стилски белези доминираат во времето во кое живее и работи. Прличев живеел и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владеел повеќе балкански и европски јазици. Како писател кој е свесен за своите креативни можности, Прличев ги става во служба на позивот и на Македонија која му е и љубов и судба, лулка и гроб.

Роден е како четврто, последно дете на Марија Ѓокова и Ставре Прличев, охридски занаетчија. Набргу неговиот татко починал, а Прличев останал сирак со шест месеци. Извесно време за фамилијата на Ставре Прличев се грижел неговиот дедо, хуманист по доша, кој собирал доброволни прилози за затворениците и бил голем љубител на книгата. Неговиот дедо, согледувајќи дека и кај неговиот внук се раѓа љубов кон книгата на рамо го носел во училиште, а пред неговата смрт оставил аманет на мајка му бездруго да го продолжи школувањето на Григора. Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Додека учел заработувал по охридкста чаршија продавајќи јајца и муренки. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана, Албанија. Откако заработил нешто пари, жеден за наука, во 1849 година се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет и набргу се врати во Македонија.

Во текот на 1850 година повторно се враќа во Македонија и до 1859 година учителствува на повеќе места Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид за да си обезбеди услови за продолжување на студиите. Две мирни години, исполнети со школска практика и пеење стихови поминал во убавото струшко село Долна Белица, кое што потоа ќе го опише во „Сердарот“  и во својата „Автобиографија“. Во Битола провел неколку месеци во барање работа, а во Прилеп учителствувал неколку месеци, подолго време Прличев учителува во Охрид. Во 1859 година повторно доаѓа во Атина, како студент на втора година по медицина. Во овој период, наместо да се занимава со медицина, ја пишува поемата „Сердарот“ што требало да се предаде најдоцна до 13. II. 1860 година на поетски конкурс. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, која се состои од паричен дел и лаворов венец. Резултатите од конкурсот ги надминуваат и најсмелите очекувања, а Прличев ќе биде прогласен за „втор Хомер“, нешто што дотогаш не се случило во Атина.

Вратен во Охрид веднаш ја започнува работата врз новиот поетски проект – поемата „Скендербег, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во родниот Охрид, каде го чуствува народното движење за отфрлање на грчкиот јазик од училиштата и црквите. Пресвртница во животот на Прличев, според неговото раскажување, направила смрта на браќата Миладиновци во цариградските зандани. Во судирот со фанариотскиот митрополит во Охрид, Милетије и грст одродени чорбаџии, застанува на страната на својот народ и се ослободува од еленистичкото влијание. Со Јаким Сапунџиев го започнуваат „народниот подвиг во Охрид, т.е. борбата за воведување на народниот јазик во училиштата. Со ова Прличев ја официјализира својата борба против грцизмот во Македонија. Во овој период, главно со заслуга на Прличев, во Охрид се формира ќурчиска каса во 1866 година која како материјална база се користи во борбата за воведување на народен јазик во училиштата и црквите.

Чуствувајќи се слаб во словенското писмо, Прличев почнува да го изучува. Извесно време престојува во Цариград, каде донекаде се оспособува во словенското писмо. Има постојани контакти со бугарските културни дејци, а по враќањето во Охрид уште поинтензивно се ангажира за популаризирање на словенското писмо во Македонија. Поткажан од грчките фанариоти, набргу за Прличев започнале и мачните периоди од неговиот живот, прогонувања, малтретирања и апсења. Во 1868 година турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот „Св. Јован Бигорски и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик. Продолжува уште пожестоко да се бори против елинизмот, често ставајќи се начело на оваа борба. Пред народот држи беседи исполнети со борбеност, а ќе испее и неколку песни меѓу кои и песна за укинување на Охридската патријаршија. Оваа песна кај народот ќе доживее голем восхит и ќе го мобилизира да истрае во борбата со фанариотскиот митрополит.

Во следната 1869 година во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата. Истава година се жени со Анастасија, ќерка на Христо Узунов, со која има пет деца Костадинка, Лијза, Кирил, Деспина и Ѓорѓи. Во Белград, а потоа во „Читалише во 1872 г. ја објавува песната „Во илјада седумстотин шездесет и второ лето, подоцна преобјавена и во неговата „Автобиографија“. Во цариградскиот весник „Право“ во 1872 г. е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов „Воспитание или 12 нравствени песни.

Во меѓувреме тој активно работи на издигнување на младото поколение во македонските училишта. Учествувал во свечениот пречек на првиот егзархиски владика Натанаил Кучевишки од Охрид. По тој повод држи и поздравен говор, а создава и една пофална песна во чест на Натанаил. Но набргу кај поетот настанува растрезнување. Прличев набргу доаѓа во силен судир со Натанаила и со црковно-училишниот одбор. Заради судирот Прличев е прогонуван. Во својата „Автобиографија“, Прличев опишувајќи го овој период ќе напише: „Колку чудно е што отечеството, коешто никогаш и никаде не ги оценува своите синови, и грчкиот владика Милетија, најнепомирливиот мој враг, цели осумнаесет години ги трпел моите лекции, приповеди, опомени и укори, и никогаш не ме падел“, а „првиот бугарски митрополит, очекуван месија, нечесно ме протерува“.

Со заштедени пари од своето учителствување во Струга, заминува во Софија, каде што мнозина „родољупци“ го канеле да се зафати со каква и да е литературна работа и му ветувале секакви олеснувања и помошти. Но по доаѓањето во Софија, истите „родољупци“ станале невидливи.. За да може да преживее во школската година 1879/1880 година работи во габровската гимназија. Прличев се соочил со низа тешкотии, меѓу кои тој неможел да го усвои месното наречје. Идната година бил на служба во Народната библиотека во Софија, каде „вториот Хомер“ бил ангажиран со обична заморна работа – пишување картотека на библиотечниот фонд. Незадоволен од својата работа тој побарал да биде ослободен, по што бил назначен прво за учител во Битола, а потоа во Охрид.

Поетската творба „Сердарот“- 1860 година се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. Други позабележителни негови творби се „Автобиографијата – 1884 година и словото-есеј „Чувај се себеси – 1866 година. Тоа се комплементарни литературни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на „Сердарот“. Григор Прличев е автор и на поема “Скендербег” беше преведена на албански јазик од Спиро Чомора и беше објавена двапати во 1970-тите и 1998-та.

Прличев по пензионирањето во 1890 година, последните свои денови ги поминува во Охрид каде умира во 1893 година.