Kолумна на проф.д-р Катерина Тодороска: Цената на одродувањето

 

Многу често слушаме за патриотизмот, македонштината, предавниците, но еве јас решив да проговорам и за одродувањето.

И секако, за почеток, малку историја.

На 24 и 25 јули 2015 година бевме поканети на меѓународна конференција која ја организираше Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во соработка со Бугарската академија на науките (БАН). Темата на конференцијата беше „Ослободителните борби на Македонија од Источната криза до Балканските војни“. Учествувавме 6 македонски и 6 бугарски историчари. На почетокот бевме поздравени од Камбовски, во својство на претседател на МАНУ, а потоа и од Воденичаров, во својство на претседател на БАН. На општо изненадување, Воденичаров воскликна дека е многу среќен што македонски и бугарски историчари, МАНУ и БАН заедно го слават „Илинденско-преображенското востание“. Секако, на ваквата негова „среќа“ следуваше моето потсетување дека ниту сме се собрале заедно да чествуваме Илинден, ниту пак од МАНУ нам ни беа кажале дека повод за овој собир е таквата несмасно подметната „среќа“. Воденичаров заминуваше од салата на секое мое говорење, видно незадоволен од тоа што продажбата на ИЛИНДЕН не успеа.

Имавме навистина мачни 10-часовни разговори по прашања кои ја тангираа македонската историја. Секако, за „омекнување“ на состојбата се јави ГОСТИНОТ на настанот проф. д-р Драги Ѓоргиев, кој во својство на директор на Институт за национална историја, на сите ни објасни дека во периодот за кој зборуваме, имало само христијани и муслимани.

Забележително, на сите вилиците ни паднаа од чудење за изречената небулоза, и Македонци и Бугари.

Тоа што се случуваше следниот период, во врска со конференцијата не е значајно за поентата на овој текст.

Ќе скокнам некоја година и ќе дојдам до 18 мај 2018 година, кога, покрај картата на етничка Македонија, а во врска со предлогот за името на нашава држава да биде „Илинденска Македонија“ напишав дека „денес се изначитавме многу комични коментари за ,,новото“ ни име. Еве ја картата на Илинденска Македонија или македонската територија во 1903 год. или како што е запишана во документите ,,Етничка Македонија“.

Бугарите со години ги лажат и трујат нивните генерации за Бугари во Македонија, за ,,блесокот“ на б‘лгарското им Илинденско-преображенско востание, но прикривајќи дека во 1913 год. во Букурешт по интервенција на Русија, им била подарена Пиринска Македонија на Бугарите. Единствена причина за тие да го прифатат името Илинденска Македонија значи само едно. Свесни се дека НЕ УНИШТИЛЕ. Друго нема. А за Грците или ти Елините, или од пред некоја година, Античките Македонци нема да зборувам. Оти во изминативе децении, бесцелно се сум кажувала.

Ова, бесцелно се сум кажувала, многу ме жести бидејќи безнадежно до денес се надевав дека ќе се најде некој сериозен или барем пристоен во македонската политика, кој ќе сфати дека историјата не е она што го научил во основно од сликовниците наречени учебници. И ќе сфати дека треба да се испочитува мислењето на академската заедница кое е различно од нивните намери.

Наместо тие да сфатат, јас сфатив дека, покрај напрсти бројните пристојни,  најмногу се барале одродници од родот свој. Токму затоа, таквите беа и сега се „почестени“ со раководење или учества во тела преку кои најсуптилно се брише родот ни и корените му.

И овој пат, како многупати до сега ќе го испочитувам моето мото на животот од дамнина познато како „Историјата е учителка на животот“. А таа, денес како никогаш досега е во право и ни раскажува многу горчлива иднина.

Овој пат, повторно пред да се случи катастрофата од „газдувањето“ на одродниците ќе напишам дека многуте пелини што нѝ ги понудија досега како причина за себеочивадење, ќе бидат мед во однос на тоа што нѝ го нудат за иднината.

А поуката вели вака. Додека народот се пизми и се глода за, не случајно фрлените коски, за албанскиот јазик, за името и презимето, истовремено под рогозина нѝ се тура вода дека заедно со европејска Бугарија, треба да ги „славиме“ никој друг туку Св. Кирил и Методиј и Григор Прличев. И замислете, ние „прифативме“ дека се заеднички македонско-бугарски нашите, македонските свети имиња, ама не чувме што во знак на „добрососедство“ Бугарите се волни да „прифатат“. Или, што ми е мене? Та, како смеат да отстапуваат оние кои со векови ја градат нивната историја со украдени личности од македонската историја?

И, почитувани, тоа не е се.

Сигурно после некој следен „братски“ состанок на македонско-бугарската Комисија за образовни и историски прашања ќе нѝ кажат дека МАКЕДОНСКОТО Илинденско востание не се кренало 17 дена пред БУГАРСКОТО Преображенско востание, потоа дека тие се едно исто, дека Бугари нам нѝ го кренале востанието кое е столб на македонското национално-ослободително движење, па следствено треба заедно да го славиме. Но, нема да чуеме дека Тодор Живков во својство на бугарски претседател, барал од бугарските историчари да прикажат дека Илинденското востание има некаков бугарски карактер, по што тие започнуваат да ја фалсификуваат историјата со „прилепување“ на Преображенското кон Илинденското.

Така, со децении. Верувам дека членовите на македонскиот дел од Комисијата ќе нè убедуваат дека како „млади“ треба да се правиме и зелени, па да бидеме воодушевени оти, нели Бугарите „нѝ дозволуваат“ да славиме востание кое е кренато на територија на денешна Република Македонија, ама е „бугарско“. Па така, ние „задоволни“ од среќата што нè огреала да нѝ биде дозволено да си го славиме крвопролевањето на нашите предци, ќе го голтнеме ова „добрососедско“ решение како уште еден пелин. Нели, веќе сме навикнати на голтање на туѓите аздисувања во врска со нашата историја.

Следот на настаните, кои не сакам да прифатам дека може да се случат, би оделе и понатаму. Бугарите би се задоволиле со тоа Македонците и македонската држава да постојат од 1945 година. Да, со право ќе речете дека  тоа е нивната долгогодишна теза. Но, ова отелотворување на „тезата“, Македонците ги доведува до неколку небулози.

Прво, ние, како Македонци ќе прифатиме „млада“ нација, оти така размислува проф, д-р Драги Ѓоргиев, ГОСТИНОТ на конференцијата во 2015 година, чии ставови сериозно им конвенираа на пријателите од Бугарија. Сега тој како раководител на македонскиот дел од меѓународната Комисија со Бугарија тврди дека „Македонија како најмлада нација во регионот треба да направи поголеми отстапки за да се решат спорните историски моменти со Бугарија “.

Тоа значи, дека пред 1945 година сме биле ШТО? Бугари, Срби, Грци? Секако, Бугари и како, Информбировска творба сме биле создадени заради што? За да се разликуваме од сите оние кои безочно грабале од македонската територија и историја?

Тогаш, ни малку нема да биде важно што македонскиот идентитет е „заштитен“ во Договорот со Грција, бидејќи со „добрососедскиот“ со Бугарија ќе се избрише.

Второ, како нација од 1945 година, сме создале некој си јазик кој сме си го нарекле македонски. Историјата би прашала, на кој јазик говорело населението на македонските територии до моментот на создавањето на тој јазик? Секако, Бугарите ќе ви кажат на бугарски и така, со ДЕЦЕНИИ ПРОДАВАНАТА ЛАГА, дека македонскиот е дијалектна форма на бугарскиот јазик, на голема врата ќе се институционализира со понижувачко „решение“ на целно составената т.н. Комисија.

Тогаш, ни малку нема да биде важно што македонскиот јазик е „заштитен“ во Договорот со Грција, бидејќи со „добрососедскиот“ со Бугарија ќе се избрише.

Трето. Дали сте се прашале зошто македонската јавност досега за сите информации околу работата на македонско-бугарската комисија ги добива преку бугарските медиуми?  Веројатно затоа што не смееме да знаеме дека „тема на наредните средби ќе бидат историските учебници, а забелешките ќе бидат ставени на маса пред претставниците на комисиите, пренесува бугарската новинска агенција, БТА“.

И сега повторно дилема. „Нема да ја менуваме македонската историја, ама затоа ќе ги менувамe учебниците каде е напишана целата историја, првиот човек на македонската комисија Драги Ѓорѓиев во изјава за бугарски медиуми признава дека нашите историски учебници биле погрешно напишани. Цар Самоил и Самиловото царство била непресушна тема за дискутирање, вели Ѓорѓиев, ,,ама во македонските учебници се чувствува јазик на непријателство кон Бугарија“.

Но, членот на истата Комисија, Петар Тодоров ќе каже дека „Во македонските учебници нема да пишува историја по бугарски терк, во македонските учебници ќе пишува историја по македонски терк. Но каков ќе биде тој македонски терк зависи од идните автори на учебниците по историја. Она што е важно, новите учебници, доколку сакаме да ги надминуваме конфликтите, ќе треба да го следат и да се пишуваат во насока на градење на долготраен и одржлив мир, т.е кон педагогија на мирот и кон развивање на критичко мислење кај учениците, нешто што денеска во учебниците во Македонија, но и во регионот не го наоѓаме“.

Заклучок. Учебниците по историја ќе бидат „преработувани“ по некој терк, сѐ уште непознат за нас, иако со години македонските историчари пишуваме и говориме за дилетантизам во програмите и учебниците за предметот историја во училиштата во државава. Но, сега нам Европјани ќе ни ја кажат историјата, а и на новите учебници веројатно ќе бидат „комисиските“ историчари.

Деликатно е прашањето кое секој од нас би требало да си го поставуви, по читањето на овој текст. А тоа е што ќе „партиципираат“ Бугарите како знак на „добрососедство“? Дали ќе „омекнат“ во врска со Охридската Архиепископија како претходник на МПЦ, ќе ја го „поделиме“ Самоила, дали ќе ја „заборават“ меѓународно незаживеаната Санстефанска Бугарија, дали ќе прифатат дека Бугарите биле сојузници на фашизмот и како такви навлегле во македонските територии во Втората светска војна, дали Бугарите ќе престанат со „меките“ настапи во Албанија при одродувањето на Македонците и нивно „обликување“ во Бугари? Нели, како Европејци и „заштитници“ на човековите права би можеле при пописите во бугарската држава да внесат графа МАКЕДОНЕЦ, дали на Македонците, кои со децении се борат за основните човекови права, ќе им се дозволи образование на мајчин јазик, дали децата на Македонците во Пиринска Македонија ќе им се испечатат учебници на македонски јазик,  дали…….?

Признавам, многу сакам да грешам во апокалиптичните предвидувања. Во спротивно, досегашните дела на македонските и светските научници од областа на македонскиот јазик и македонската историја ќе треба да се изгорат за да не постојат „бугарохулни“ сознанија.

Се плашам, дека и документацијата во Државниот архив на РМ намерно е ставена во статус на уништување, оти нели, како народ и држава кои постојат од 1945 година, нема да ни треба документацијата на нашите баби и дедовци. Таквите документи ќе ги „обработат“ бугарски експерти за архивистика. А може да им се приклучи и некоја гчка стручна делегација, за целото да има сè.

Многу работи за овие Комисии нема да дознаеме. Но, она што сигурно ќе го дознаеме е цената на одродувањето./ колумна на проф.д-р Катерина Тодороска за АКО.мк