Конференција за македонското прашање во Солун (ВИДЕО)

„Добар ден и ви благодарам за поканата и за интересот што сте присутни во волкав број. Овие неколку зборови на благодарност што сум поканет, како и за вашиот интерес, ги кажувам за да можете да го слушнете јазикот кој наводно не постои“, рече Горан Јанев.

Аплаузот и одобрувањето на публиката собрана во Градското собрание на Солун се показател за неочекувано умерената дебата за „македонското прашање“ на која беа отворени повеќе аспекти од проблемот – историски, политички, етнички.. Исто така изненадувачки, оценките на речиси сите говорници – политичари, историчари, публицисти, беа дека не се основани тезите за иредентизам од Македонија кон Грција. Дел од учесниците со кои разговаравме, меѓу кои и пратеник на владејачката Сириза од Солун, не го проблематизираат ниту Уставот, чија измена е едно од барањата на владата на неговиот партиски шеф Алексис Ципрас.

„Мислам дека измените што се веќе направени во Уставот на поранешната југословенска Република Македонија во 1993, ако добро се сеќавам, треба да ја задоволат грчката страна“, рече Триантафилос Mитафидис.

На слична линија е и грчкиот историчар и публицист Тасос Костопулос.

„Имаше дискусии за преамбулата на Уставот, за Илинден, за одлуките на АСНОМ, кои како што знаете, географски се однесуваа и на делови на грчка Македонија. Во првиот случај беше во рамките на Отоманска Македонија, а во вториот случај – АСНОМ, во однос на проблемите што постоеа во светот по Втората Светска војна. Овие спаѓаат во првата причина, втората причина е експлицитното реферирање на постоење македонско малцинство во соседните земји. Секако, јас знам дека постои експлицитна одредба дека земјата нема никакви територијални аспирации и оттука мислам дека барањата за промена на Уставот може да се бајпасираат, но јас не сум дипломат и не можам да имам увид што меѓусебе зборуваат дипломатите“, рече Костопулос.

Она што беше јавно кажано за „македонското прашање“ на дебатата во Солун, го изненади и долгогодишниот борец за правата на Македонците во Грција, Павлос Воскопулос. Сепак,…

„Предуслов за да имаме длабоки корени за промените во една национална идеологија, според мене, треба почне од долу, од училиштата. Тоа би било многу позитивно и според Виножито време е да се создаде една заедничка комисија во однос на образовниот систем во Македонија и Грција и да се направт потребните ревизии за националните митови. Кога станува збор за македонското прашање – кога конинуирано зборуваме за македонската национална идеологија таа секогаш е во дефанзива, во одбрана на своите позиции. Ќе биде идеално ако во Грција се направи, јас зборувам како грчки државјанин, реформа во грчкото образование за конечно да се информира обичниот Грк околу современиот македонски идентитет“, рече Воскопулос.

Позитивни поместувања во оваа насока гледа бугарскиот историчар, Чавдар Маринов, експерт за македонското прашање.

„Ми се чини дека денес во грчката историографија постојат одредени позитивни тенденции што се однесуваат на македонското прашање, на некаков полиберален, поотворен начин да се дискутира за тие прашања. Но, би рекол дека во грчката историографија тој развој е поважен, попозитивен, отколку на она што денес постои во бугарската иториографија во однос на македонското прашање. Така што, историчарите би можеле да помогнат на некаков начин“, рече Маринов.

Се слушнаа оценки дека процесот за името засега добро се движи и дека за успешно финиширање, и Скопје и Атина ќе треба да ги издржат нападите од популистите и националистите.

„Не треба да се предадат на небезбедни потреби и популизам ниту пак на искушенија за експлоатација на чистите намери, што се сеќавате, често пати подлегнаа на широко распространети и евтини стереотипи на публиката“, рече Никос Фотиу, заменик-градоначалник на Солун.

„Најапсурден и најтежок мит за поткрепување на митот за национализмот е митот на континуитетот. Но, грешам, најтежок и најапсурден мит за национализмот е митот за хомогеноста, за хомогена држава“, рече Јанев.

Што ќе значи име со географска одредница за идентитетот на етничките Македонци?

„Географските префикси, во однос на македонското прашање, воопшто немаат негативност за современиот македонскиот идентитет, кога станува збор за Македонија, кога зборуваме за таков тип Македонија со географски префикиси. Тоа е основно за кои било националистички манипулаторски кругови и затоа ние сакакме, зборуваме како грчки граѓани, да има реформа во грчката национална идеологија – да се почитува современ македонски идентитет далеку од некои антички или дискутабилни испитувања или доближувања за некои антички решенија“, рече Воскопулос.

Оваа отворена дебата и умерените пораки што беа испратени од неа се во целосна спротивност со националистичкиот набој што го имаа протестите од пред 1 месец кои се одржаа токму на ова место. И од северот на Грција, кој се смета за најчувствителен за ова прашање, се слушнаа пораки дека решение за името е можно и посакувано.

 

 

Advertisement