Леринскиот Суд одби да го регистриа Домот на македонската култура

Судот во Лерин по третпат одби да го регистрира Домот на македонската култура со седиште во овој град. Ова и покрај пресудата на Судот во Стразбур, кој уште во 2015 година по вторпат оцени дека Грција го прекршува членот 11 од Конвенцијата за човекови права, а се однесува на слободата на здружување.

Тогаш Судот одлучи дека Грција треба да им исплати компензација од 10.000 евра на седум лица што се појавија како тужители во име на здружението „Дом на македонската култура“. Грчките судови одбиваат да го регистрираат Здружението формирано во 1990 година пред се поради придавката „македонска“. Во 1990-тите, кога Домот дури беше и руиниран, се водеше кампања дека зад здружението, како и зад партијата Виножито, околу која гравитира македонското малцинство во Грција, стојат странски платеници и „скопски шпиони“.

Политичките партии во Грција се единствени околу ставот спрема „Виножито“ и наводно непостоечкото малцинство. Само Хелсиншки комитет, огранокот во Грција, ја поздрави одлуката на Судот во Стразбур и го поддржува правото на постоење на Домот на македонската култура. За потсетување, Грција и Бугарија се единствените „привилегирани“ држави во Европа, кои по два пати се осудени од Судот за човекови права поради тоа што и двете одбиваат да признаат македонско малцинство на нивна територија, како и да забрануваат здружување.