Лилиана Танги е првата француска пратеничка со македонско потекло

 

Лилиана Танги е родена во Панчево, СФР Југославија. Нејзиниот татко е Македонец, а нејзината мајка е Хрватка. Родителите на Танги емигрирале во Франција уште во 60-тите години. Таа дипломирала на политички науки и владеење во Париз, во 1990 година, по што магистрирала на економија и на меѓународни односи. Во движењето на Емануел Макрон стапува во април 2016-та година, а на 18-ти јуни е избрана за пратеничка од седмата изборна единица со 62,5 отсто од гласовите, како кандидат на новоформираната партија Република во движење. Со тоа, таа станува прва по потекло Македонка, пратеничка во француското Собрание.

Во француското Национално собрание таа е член на Комисијата за надворешни работи и на Комисијата за европски прашања во која ја извршува функцијата заменик-претседател. Истовремено, Лилиана Танги не случајно е и претседател во француското собрание со групата за пријателство Франција-Хрватска и заменик претседател на групите за пријателство Франција-Македонија, Франција-Босна и Херцеговина и Франција-Србија.

Во нејзините интервенции во Националното собрание, таа отворено се залага за интеграциите на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, меѓу кои и на Република Македонија, земјата на нејзиниот татко Ангел Мартиноски, каде има и роднини со кои одржува редовни врски. Лилиана Танги е вистински поборник за Македонија и воопшто за целиот Западен Балкан и неговата интеграција во Европската Унија, а како блиска до претседателот Емануел Макрон, таа може да го прави тоа и изворно да го информира за овие земји. Македонија не би требало да ја пропушти оваа прилика и да го искористи мандатот на Лилиана Танги за создавање на уште поблиски односи со Франција, посебно во моментов кога се стремиме за забрзување на нашите евроатлантски интеграции.