МАЕИ: Против вметнувањето на бугарското малцинство во албанскиот закон

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) како единствена македонска партија која ги застапува интересите на Македонскиот народ во Албанија, го поздравува усвојувањето на предлог-законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија, во целина, но изразува длабока огорченост и протестира поради вклучување на “бугарско малцинство“ во законот, по заканите на Бугарија со вето за членството на Албанија во Европската Унија.

Признавањето на непостоечко бугарско малцинство во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, населени со Македонци го сметаме за грубо кршење на меѓународното право, Универзална декларација за човекови права и слободи, геноцид врз Македонскиот народ и злосторство против човештвото!

Во Албанија, според историските факти и пописите на населението, не постои бугарското малцинство, такво малцинство постои само во главите на бугарските власти во Софија. Македонците во Албанија не се “бугари”! Бугари во Албанија се само вработените во Бугарската амбасада во Тирана.

Ги повикуваме пратениците во Собранието на Албанија да не ги прифатат уцените од Бугарија, да покажат зрелост и при гласањето за Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија да ги отфрлат барањата на Бугарија за постоење на непостоечко “бугарско малцинство“ во Албанија! Тоа не е само во интерес на македонското малцинство кое отсекогаш било лојално и мирољубиво, туку истовремено е национален интерес на Република Албанија, поради последиците за суверенитето и интегритетот на Албанија: Постојано да биде под уцена на Бугарија, која очигледно живее во 19 век и го спроведува проектот “Голема Бугарија“ со делови од територијата на Република Албанија.

Advertisement