Мајлинда Брегу новиот генерален секретар на регионалниот совет за соработка

Следниот генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) за мандатот од 2019 до 2021 година ќе биде Мајлинда Брегу, поранешна министерка за евроинтеграции на Албанија, додека за мандатот потоа, од 2022 до 2024 година, е прифатена и кандидатурата на Игор Лукшиќ, поранешен шеф на дипломатијата на Црна Гора.

Брегу ќе дојде на местото на Горан Свилановиќ, кој ја извршуваше оваа функција во два мандата, речиси шест години и кој изјави дека „му е чест што е на чело на организацијата која е во вистинско регионално сопствеништво и која е свртена кон иднината“. Оваа одлука, како што соопшти РСС е донесена на денешниот 10-ти годишен состанок на Регионалниот соовет за соработка што се одржа во Брдо кај Крањ, со кој претседава заеднички Свилановиќ и Матеј Марн во име на словенечкото претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), чие оперативно тело е токму РСС.

Учесниците на состанокот, заблагодарувајќи му на Свилановиќ, поранешниот шеф на дипломатијата на Србија, со оценка дека успешно ја извршувал функцијата, го прифатија и Годишниот извештај за работата на РСС. Одлуката за новите двајца генерални секретари во наредниот период ја донесоа политичките директори на министерствата за надврешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ, меѓу кои и на Македонија, бидејќи земјата е основач и полноправен учесник во процесот од пред петнаесетина години.

Свесни за извонредните квалитети и на Брегу и на Лукшиќ, предлозите на Албанија и на Црна Гора, а на заеднички предлог на двете земји, Одборот на политички директори на ПСЈИЕ се согласи во духот на косензус да предложи две личности, со два мандата однапред, се наведува во соопштението. Мандатот на Мајлинда Брегу како генерален секретар на РСС започнува на 1 јануари 2019 година. Таа беше прво портпарол во владата на Сали Бериша, а потоа и министер за европски интеграции од 2007 до 2013 година.

Advertisement