Македонец од Турција пресреќен доби македонски пасош

 

Многу ја сакам Македонија од срце, пресреќен сум што по три години чекање, добив македонски пасош. Сега и официјално сум Македонец. Во септември ќе дојдам таму и ќе студирам на Филолошкиот факултет на скопскиот универзитет „Св. Kирил и Методиј“ за да станам овластен преведувач од турски на македонски и обратно. Ќе добијам и лична карта. Вака со забележливи емоции за „Дневник“ говореше 22-годишниот Мерт Kараташ-Јуковски од Измир, чии баби и дедовци, по татко и мајка, потекнуваат од селото Горно Врановци, општина Чашка.  Во нашето семејство отсекогаш, освен на турски, се зборувало и на македонски. Се слушаат македонски песни, најмногу од Васка Илиева.

Уште како дете сум слушал кога зборувале за тој крај таму. Дедо ми по татко ми раскажуваше за неговото родно село и за училиштето таму, како наутро оделе по дрва со магаре, како од Горно Врановци до Струмица оделе пешки. Kако играле и пееле. Многу ми раскажуваше. Kога дојдов во Македонија, ме распрашуваше дали пред неговата куќа с` уште стои големиот камен. Еве, сликан сум токму таму, во куќата во која тој некогаш живеел. Ја напуштил на 1-годишна возраст и во 1954 година дошле во Турција. Сега тој има 72 години – ја почна својата животна приказна и приказната на неговите најблиски младиот Мерт. Откако се иселиле, баба му и дедо му по мајка 10 пати доаѓале во Македонија. Бабата и дедото по татко не се вратиле повторно. Таа баба починала пред две години. За дедо ми што ич нема дојдено во родниот крај цели 60 години знам дека срцето му е во Македонија, во Горно Врановци, иако е тој во Турција.

По многу години си ја виде куќата на слика. И јас многу сакам да појдеме заедно, та да го исшетаме селото. Таму сме имале многу земја на времето, ама кога јас бев таму, не знаев каде биле нивите на дедо ми, само куќата ја најдов во која го минал детството. Верувам дека ќе успеам да го донесам и дедо ми еден ден таму кај што се родил. Ако студирам во Македонија, ќе биде полесно. И тој е многу среќен поради мојот пасош. Баба ми, пак, не дочека да се врати. Затоа  донесов земја од Македонија, да  ставам на гробот во Турција. Јас четири пати сум бил во Македонија, место за спокојство, според мене  ни рече момчето, со кое комунициравме преку интернет. Сестра му на Мерт исто така сакала наредната година да дојде да студира во Скопје, ја интересирале студии за развојот на детето.

Тој, пак, ни откри дека кога ќе заврши факултет, желба му е да отвори канцеларии за превод во Македонија и во Турција. Се разбира, рече, ако имам пари. Ишала, да се исполни желбата на сите „Се исполни долгогодишната желба на Мерт Kараташ-Јуковски“, со радост напиша на една од социјалните мрежи и Слаѓана Јанчева, професорка од Македонија, која веќе неколку години им предава македонски јазик на Турците со македонско потекло во Турција.