Македонија е име кое се изговара со чест и достоинство, со вера и со гордо крената глава (ВИДЕО)

Интегрален текст од обраќањето на Хрисијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ по повод празникот Илинден  во с. Ташмаруништa, Струга. За мене претставува особена чест и гордост што сум денеска меѓу вас, овдека во комитско Ташмаруниште, на овој прекрасен ден, да ја имам оваа можност да ви го честитам  големиот празник Илинден и да го честитам големиот верски празник Свети Илија, да ни е на помош на сите нас да ни донесе радост, среќа, берикет и да ни се вечни и вековити, Република Македонија и сите вие.

Денешниот мој говор ќе го започнам како што точно пред 115 години востаничкиот Илинденски штаб во Манифестот напиша: “Браќа земљаци и мили комшии“! Овие зборови го означија почетокот на револуционерното востание на илинденците, точно пред 115 години, и еве сега на истиот ден, 115 години потоа, собрани тука во Ташмаруниште и на сите краеви во Македонија каде што се слави овој ден си го честитаме овој голем празник на Македонија, на Македонците, на сите нас, на сите оние кои што им значи Македонија нешто во животите и кои што имаат национална самосвест за тоа што предците го направиле за нив за да можеме ние денска заеднички да ја градиме иднината. Уште еднаш нека ни е вечен и вековит овој ден, Илинден и Свети Илија на помош да ни е.

Драги сограѓани, Илинден е крикот на поробениот Македонец, тоа е жедта за слобода и човечки правдини. Природниот стремеж за своја држава на секој Македонец. Илинден e вознесот на една столетна борба на обесправениот народ, каде саможртвата е нужност тогаш кога борбата е единствениот начин до целта. Но, самопрегорот кој го поднесоа тие гледаа како на поднослива саможртва, затоа што љубовта кон својата земја и татковина беше најголемата жртва којашто во тој момент можеа да ја поднесат. Претседателот на Крушевската Република,  Никола Карев пред насобраните илинденци рекол: „Ние револуционерите дигнавме пушка, и на нашето црвено знаме напишавме, СМРТ ИЛИ СЛОБОДА, за да си ги запазиме животот, верата и честа. Ние го кренавме тоа црвено знаме и назад нема. Назад нема затоа што пред нас е исправена целта, а тоа е нашата мила Македонија”. 115 години потоа ја имаме истата максима пред нас како водилка.

Почитувани пријатели, секогаш кога ќе биде дилемата дека сепак, востанието не успеало,  дека шансите за конечна победа во тој момент биле еднакви на нула, но востанието се случило и тоа е факт кој што ќе остане запишан и врежан во историските читанки и во сеќавањата на секој граѓанин на оваа земја, на секој Македонец. Сето ова го знаеле и Карев, и Питу, и Груев, и Узунов, и сите останати, но сепак борба имало, затоа што биле подготвени со својот живот да се борат за слободата, за ова парче земја во кое денеска ние живееме, работиме и се образуваме. Затоа денес ние го славиме ова дело со срца полни со восхит за нивната саможртва, нескршлива волја, и пркост пред бројниот и далеку поброен непријател. Затоа што најлесно било да се предадат кога било најтешко, и тогаш кога не се гледало никаков излез, но тој бунтувен дух на овие револуционерни титани бил многу поголем од било кој страв кој би ги натерал да се предадат во тој момент и да го положат оружјето.

И тука, свој удел има и токму ова свео место Маруништа како што го викаат локалните граѓани, или Ташмаруништа како што пишува на сообраќајните знаци, чии што жители директно се вклучиле во востанието кое било сенароден отпор на обесправените, и чиј што исход завршил со крваво задшување на востанието, но сепак тогаш биле поставени темелите, а победите дошле веднаш после вториот Илинден на оние кои ја продолжиле борбата. Оваа генерација Македонци им должи се на овие луѓе кои со своите животи, со своите животи ја платија слободата, независноста и со кои  животи ја изградија и ја моделираа оваа држава во која што ние денеска живееме. Слава им, и им благодарам од сите вас, да им е лесна земјата.

Кога зборува за вака една епска борба за слобода и кога се имаат во предвид последиците кои подоцна се чуствувале, човечките жртви, уцени, палења, пустоши што се случувале, основната порака денес симплифицирана поедноставена е дека живееме една скапа слобода испишана со човечки жртви која мораме, мораме задолжително да ја сочуваме, и нејзиното сочувување пред се зависи од нас самите. Ниту од господ ќе ни падне, ниту од небото ќе дојде. Сите ние заеднички мораме да ја сочуваме слободата која им ја должиме на нашите предци кои што ја платиле со своите животи. И кога се знае какви натчовечки напори биле давани, какви жртви само паѓале, колку семејства биле затворени, зацрнети во тој илинденски период, кога ќе ја погледнеме храброста како онаа на Питу кој соочен со неколку илјаден противник наспроти себе, глас кој изустувал во последните минути од својот живот велејќи „ако веќе нема слобода, тогаш има смрт“, или војводата Узунов кој две години по востанието во последните часови од својот живот и пишува на сопствената мајка „маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка, и јас без ни најмалку да те навредам се чуствувам повеќе син на втората моја мајка Македонија отколку на тебе мајко која си ме родила“. Сетете се на овие две реченици и на Питу и на Узунов. А она, она што илинденците и оние пред нив и тие по нив ни го задолжиле единствениот завет што стои пред нас, а тоа е едноставно МАКЕДОНИЈА и ништо друго.

Ова не го кажувам само за да потсетам на имињата на револуционерите, туку да го опишам нивното дело кое нам не задолжува. Македонија е име кое се изговара со смирена благонаклоност, со чест, со достоинство, со вера и со гордо крената глава. Илинденците ги поставија темелите, нивните наследници партизаните продолжија со градба, наша должност е да ја зачуваме оваа држава која е составена од човечки судбини, страдања и премрежја, наша должност кон нашите предци илинденците и тие пред нив и тие по нив партизаните е да изградиме иднина на која што тие би се гордееле, а тоа е слободна, независна и просперитетна Република Македонија.

Можеби, не проаѓа ниту еден собир во последно време без неколку зборови кои што ќе алудираат на моменталната политичка ситуација во државата, ќе ми простите но некако не можам да се оглувам на тоа што и се случува на мојата татковина. Овдека од оваа бина би сакал да прокоментирам неколку политички настани. Гледаме како премиерот на владата на Република Македонија и естаблишментот околу него силно се удираат во гради дека биле за Европската унија, а демек сите ние останати кои што не ја споделуваме нивната капитулација не сме биле за ЕУ. Да не  знаевме со кого си имаме работа може и некој ќе им поверуваше, а вака сето тоа удирање во гради за Европската унија завршува во секундата кога ќе се подели по некој наместен тендер во здравството, или државна помош на фирмата на вицепремиерот, па затоа за да се одбегне јавноста кругот ќе се прошири со фирми на нивните кумашини, или пак кога вицепремиерката задоволувајќи ги своите хедонистички пориви ќе отиде на ручек со хеликоптер, а додека во болниците имаме недостаток инкубатори за новороденчињата, кога има недостаток на медицински возила, или кога полицајците и војниците патролираат пешки бидејќи немааат доволно превозни средства возила, а единственото оправдување е дека немало доволно финансии за тоа.

Жално, кога не би било жално би било трагично. Тоа е она што денеска и се случува на Република Македонија. Од една страна имаме премиер кој заедно со својот естаблишмент за го сокрие своето минато и за да може да ги покрие сите оние работи кои ги прави заедно со луѓето околу него го покриваат со една реченица, ние сме за ЕУ. Не, ЕУ не почитува такви вредности. ЕУ се брани од таков тип на политичари. Тоа е мојата порака. И затоа ќе им порачаме од овде, колку повеќе се удираат во градите и велат ДА, толку повеќе вие и сите оние луѓе во Република Македонија ќе им кажат едно големо и громогласно НЕ. Доста е!

Свесен и знам дека денес со една лажлива и театрална насмевка и нескриен однос луѓето од власта ќе кажат како биле за сплотеност и обединетост. Но, тоа тоа се само зборови, а делата, делата почитувани мои сограѓани се сосема поинкави. За каква сплотеност се говори кога на сила без консултации туркааат референдумско прашање за смена на името. Кога секој втор ден прогласуваат предавници и патриоти, кога има пратеници и други невини жртви оптоварени со политички конструирани случаи само со единствена цел да се скрши ВМРО-ДПМНЕ и непокорот на Македонците во нашата мила Република Македонија.

Вистинската сплотеност треба да започне преку одбрана за државните и национите интереси, и тука доколку се согласи СДСМ секогаш ја имало нашата подадена рака затоа што Македонија е пред и над  се, не треба тоа да го заборават ниту тие, ниту ние, а ниту секој граѓанин во нашата Република Македонија. Европската унија е систем на вредности какви челните луѓе на власта и премиерот немаат. Затоа што таму во тие држави на хедонизмот кој го има власта гледаат со презир, затоа што во тие држави нема да најдете премиер аболиран за криминал како тука, и затоа што таму не се местат тендери како тука. Затоа што колку и да кажат дека биле за Европска унија, во реалниот живот има толку многу причини да веруваме дека не се за ЕУ.

Туку едно големо НЕ ќе кажат за ЕУ.

Во Европска унија нема да најдете најблиските соработници на премиерот да си делат милионски тендери, нема да видите министри на било која земја членка на ЕУ да претура од џебот на граѓаните во својот приватен џеб како што е аферата криминални иновации, нема случаи неговите приватни фирми да добиваат “сосема случајни тендери”, или пак истите случаи мултиплицирани кај пратеници, функционери на партијата на власт. Во ЕУ нема актуелени  градоначалници кои се апсат за шверц со цигари. Такви вредности во ЕУ нема. Нема случаи во Европската унија каде 35 милиони евра тендер се мести за фирма која е основана  само неколку недели пред објавување на тендерот. За какви европски вредности тука говориме. Говорењето за Европска унија не го прават човекот европеец, туку делата, а делата гледаме дека ги нема.

Таква ЕУ им служи на овие квази политичари за да можат да си го обелат своето криминално минато. Ние сме за вистинска ЕУ со сите вистински вредности кои таа ЕУ ги нуди  и сите можности кои таа ЕУ ги нуди. Нема да дозволиме лицето и прозорецот на ЕУ во Република Македнија да бидат Зоран, Вице, Радмила и останатите местачи хедонсити во владата. Вистинското лице на ЕУ сте вие граѓаните достоинствени и чесни, домаќини и родители, браќа и сестри на Република Македонија. Не можат да го сокријат ниту еден од апологетите кои секојдневно критикуваат, спинуваа, сеат невистини и магли, шпекулации дека еве  ќе сум променил став, дека ќе сум потклекнал на притисоците доколку ги имало, дека сум бил маша на политиката. Не можат да го сокијат ниту оние злонамерници коишто не му мислат добро на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Критикуваат, лажат, измислуваат, конструираат, а се со една цел, како капитулацијата  да ја претстават како триумф, лагата да ја претстават како вистина, а шансата да ја претстават како избор помеѓу иднина или изолација.

Пред некој ден напишав на социјалните мрежи еден статус и им одговорив на сите овие душегрижници и на сите оние лажни патриоти. Да, јас сум за иднина, иднина во којашто мојата држава Република Македонија  ќе биде среќна, достоинствена, горда, економски просперитетна, шанса на секој граѓанин во оваа држава, мајка на секој син и ќерка, сестра на секој брат, брат на секоја сестра, држава со можности, држава којашто ќе биде достоинствена, исправена, горда, којашто ќе ги совладува сите предизвици коишто стојат пред нејзе. За таква иднина зборувам. Не зборувам за иднина каде ќе се местат тендери, каде брата функционер на брата бизнисмен ќе му дава парцели за да овој млати милиони на грбот на граѓаните, каде ќе се проституираме со достоинството на народот и на државата за да можеме да ја сотскриеме сопствената аномалија од минатото. Иднина во којашто граѓаните ќе го имаат последниот збор. Иднина во која вие ќе кажувате како политичарите ќе работат, а нема политичарите да велат без разлика дали граѓаните ќе кажат или вака или така, институциите ќе ја земат правдината во своите раце. Вие сте тие коишто ја имате сета власта во оваа земја и за таква иднина ВМРО-ДПМНЕ и јас се бориме.

Драги сограѓани,

Ние веруваме во вас затоа што вие верувате во нас. Нема да ве разочараме. Секогаш ќе водиме сметка за ваѓите чувства и перцепции, стравови и надежи, очекувања и залагања. Кога ќе изгледа тешко и кога ќе сте во искушение, кога ќе паднете за момент со духот иил пак вербата, кога ќе ве обземе стравот, верувајте, верувајте дека ние сме вашиот партнер и во добро и во зло, и за убаво и за тешко, и за радост и за успех знаеме каде одиме. Верувајте во вашата мисла и промисла, во вашата добра намера, во почитта кон предците во вашата визија и труд за поколенијата, во вашите срца и души. Методија Андонов Ченто ќе каже мојот син нема да расте во беэимена држава, каде татко му бил жив и эдрав и со прст не мрднал да си го одбрани основното човечко достоинство… Ова е наше природно право на борба, демократска, институционална. Борба која е за интегрирање на државата Република Македонија во Европска унија и НАТО и пред се примена на тие вредности овде, внатре во нашата земја.

Илинден е можеби најважниот камен темелник на Република Македонија врз  кои е изграден нашиот заеднички дом на сите нас, на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите, и сите останати. Тоа што е втемелено пред 115 години никој не може да го избрише затоа што и тогаш, а и сега важи истата парола БАЈРАКОТ НА СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА Е РАЗВЕАН И ВРАЌАЊЕ НАЗАД НЕМА! Ние Македонците секогаш сме врвеле трнлив пат со многу премрежја, но истрајност и верба во успех секогаш тие не воделе до целта и остварувањето на вековниот сон. И комитите и партизаните го оделе тој трнлив пат и ним можеби им се нуделе искушенија да се откажат, но тие биле бескомпромисни кога се работело за својот идеал кој сите денес го живееме, а тоа е слободна, независна Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

На крај би сакал да упатам една порака и до сите оние кои велеа изминатиот период многу сте млаки, никаде ве нема, сигурно се купени, поставени од  некого. Еднаш ги демантиравме, вторпат ги демантиравме, третпат ги демантиравме и ќе ги демантираме секој ден додека не сфатат дека жестоко не потценија. Ние во оваа битка не влеговме за да коленичиме пред канцелариите и да реализираме некаков интерес или некакво место во извршната власт. Ние влеговме со чиста мисла, која што се темели на принципи, искреност и верба во тоа во кое што сите вие верувате, а тоа е Република Македонија и немаме намера за тоа да правиме компромис. Со нашите принципи и нашата верба нема да правиме компромис.

Но, ќе им упатам порака и на оние вторите, на оние кои се дел од таа армадила која секојдневно за жолтиците кои што ги има земено има за цел капитулацијата да ви ја престави како триумф, лагата да ви ја престави како вистина, да конструира, да моделира невистини, да лаже да ме напаѓа, да навредува, на дневна основа да ме омаловажува, да релативизира, ќе им порачам, и додека бев во касарната во 2002 година и 2003 година  како дел од македонската гарда и кога бев во библиотеките по западните универзитети и кога бев заедно по клупите со моите студенти на универзитетот и кога сум сега исправен пред вас, сонував еден сон, а тоа беше сонот на мојата генерација да ја види оваа држава горда, достоинствена исправена Република Македонија. И сега на крај, нема да ви дозволам да ме разбудите во кошмар, ќе го досонувам јас мојот сон и ве уверувам ќе ве поразиме жестоко што нема да знаете што ве снашло, дали тоа ќе бидат предвремени или редовни парламентарни избори. Да ни е жива и здрава Македонија, да сте ми живи и здрави вие!