Македонија и Иран ќе ја продлабочуваат трговската соработка

Стопанствениците од Иран ја гледаат Македонија како порта за влез во регионот и другите земји од Европа. Од друга страна Иран со својата географска положба и поминувањето на главните светски трговски копнени и морски патишта низ земјата или во нејзина близина, како и копнените и водните граници со 15 земји нуди големи можности за македонските компании. Ова, на денешниот бизнис форум во Стопанската комора на Македонија и деловни средби со бизнис делегација од Исламската Република Иран го порача претседателот на Иранската комора за трговија, индустрии, рударство и земјделство, Голам Хосеин Шафеи.

Тој посочи дека трговската размена меѓу двете земји е симболична и нагласи дека треба да се поведе иницијатива за олеснување на визниот режим и да се потпишат договори за олеснување на царинските процедури. Неопходно е да искористат соодветните можности и капацитети за да се поттикнат односите меѓу двете земји, рече Шафеи и додаде дека лани Македонија увезла стоки од Иран во вредност од 4,76 милиони долари, а извезла за 401.000 долари.

Можност за соработка со Иранската стопанска комора, која има повеќе од 60 членки, 34 локални комори и повеќе од 200 здруженија и организации, потенцира, има во техничките и инженерските услуги, изградба на електрани, патишта, мостови, информатичка  технологија, поморска инфраструктура, воздухоплвна индустрија, изградба на рафинерии, производство и преработка на нафта, гас и петрохемиски производи, медицинска  и фармацевтска опрема, рударство, сточарство, земјоделство и градежна опрема. Предлагаме соработка  меѓу прватниот сектор на двете земји со формирање на заеднички компании со цел да  се произведе стока со заедники бренд и да се извезува во регионалните земји, рече Шафеи и додаде дека се надева  на поддршката од Македонија за вклучување на Иран во СТО.

Претседателот на Стопанската комора на Мкедонија, Бранко Азески посочи дека Иран со своите 80 милиони, а заедно со поширокиот пазар од своето опкружување 400 милиони жители е еден од најголемите регионални светски играчи и претставува предизвик за секој бизнис, компанија и држава. Тоа, како што кажа, е земја со силни развојни потенцијали и можности и со силна суровинска структура и не случајно е цел на интересите на сите европски земји. Иран е наш традиционален партнер со кој одржуваме односи од 1993 година, но далечината и различните регионални војни го прави своето. Мислиме дека сега е моментот да направиме исчекор и да се интензивира соработката, рече Азески и додаде дека постојат можности за соработка со Иран во многу области, бидејќи е една од ретките земји која има изедначен баланс на услуги и на индустрија во формирањето на БДП.

Досегашната соработка, истакна, е на многу ниско ниво. Затоа, како што кажа, е неопходна размена на информации, посета на саемските  манифестации, видеоконференциски врски, Б2Б средби, како и да се разгледа можноста за отворање дипломатско преставништво на Македонија во Иран. Денеска договоривме да одржуваме денови на Иран во Македонија и обратно – денови на Македонија во Иран. На тој начин ќе имаме директна конекција со иранските компании, рече Азески и ги повика стопанствениците од Македонија да ги продлабочат своите бизнис врски со Иран. Во таа насока беше потпиша меморанум за соработка меѓу двете комори и беа организирни Б2Б средби со бизнис делегацијата од Иран.