Македонија учесник на Меѓународниот саем во Солун

Со присуство на министерот за информатички технологии, Дамјан Манчевски и со штанд на неколку компании, и Македонија учествува на 83-от Меѓународен саем во Солун, Егејска Македонија. Според дописничката на МИА од Атина, министерот Манчевски денес во рамки на саемот ќе има работен ручек со неговиот грчки колега Никос Папас, како и средби со претставници на грчки и американски компании.

Во текот на следната седмица, на саемот ќе присуствува и министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска. Македонија и оваа година со штанд, на кој излагаат неколку компании, е меѓу 20-те земји учеснички на саемот. Според најавите, годинашниот Меѓународен саем во Солун, Егејска Македонија ќе трае до 16 септември, а се очекува да биде најголем до сега, со 1.500 штандови од 20 земји. Процените, пак, се дека ќе го посетат над 290 илјади посетители.