Македонска книжевна вечер на Лидија Димковска во Тирана

Книжевна вечер на Лидија Димковска во организација на издавачката куќа „Поетека“, во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“, вчера се одржа во Тирана, Албанија. На книжевната вечер, која Димковска специјално и ја посвети на неодамна починатата хрватска писателка со европско реноме, Даша Дрндиќ, се читаа извадоци од делата на Дрндиќ и песни од Димковска во препев на албански јазик на Даим Мифтари. Вечерта ја водеше албанскиот писател и уредник на „Поетека“ Ариан Лека.

Лидија Димковска во текот на јуни е гостинка на резиденцијалната програма за писатели на издавачката куќа „Поетека“ од Тирана, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“. Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија и на европската мрежа за превод и книги Традуки. Наскоро на албански јазик ќе биде објавен романот на Димковска „Скриена камера“, а списанието за литература „Поетека“ ќе објави поголем избор од нејзината поезија.