Македонската Алијанса изразува сочувство за смртта на еден од поборници за правата на Македонците во Албанија Павли Борис Никола

 

По повод тажната вест за смртта на еден од најголемите поборници за правата на Македонците во Албанија, Павли Борис Никола, сочувство изрази Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски:

„Со длабоко жалење ја примив тажната вест за упокојувањето на Великиот Македонец, Павли Борис Никола. Македонците со смртта на Павли, изгубија многу. Нашиот народ изгуби еден пожртвуван и посветен човек, кој речиси целиот свој живот го вложи во беспоштедната битка за унапредување на правата и основните човекови демократски слободи на Македонците во Албанија. Павли Борис Никола, беше еден од најголемите поборници за правата на Македонците во Албанија. Со неговите дела и активност помогна многу во негувањето на Македонските обичаи, фолклор, традиции и нивното пренесување кај помладите генерации на Македонци во Република Албанија.

Павли Борис Никола преку афирмацијата на богатото културно и духовно наследство на Македонците покажа како се штити Македонскиот национален идентитет, посебност и јазик. Несомнено е дека неговите огромни дела, како монографијата „Монографија за Врница“, ќе бидат наследство и патоказ за сите нас, особено за генерациите Македонци кои доаѓаат и кои ќе ја имаат обврската да ја продолжат битката за остварување на нашите вековни стремежи за обезбедување на достоинствен живот, обединување на Македонците од целиот Свет и градење на силна, економски просперитетна Република Македонија.

Јас како актуелен претседател на Македонската Алијанса, како претставник на Македонската Дијаспора, се обврзувам да ги чувам спомените за овој Велик Македонец, да ги сочувам неговите дела кои мораат да бидат широко достапни за сите Македонци во Светот, да ја продолжам неговата мисија за остварување на поголеми права за нашите браќа и сестри Македонци кои живеат во Албанија, за кои сум сигурен дека со гордост ќе се сеќаваат на огромното значење на делата на Павли и кои на нашиот Македонски јазик ќе ги пренесуваат од колено на колено, како добар пример како еден човек треба да се бори за својот народ и корени. Почивај во мир, Голем Човеку! – стои во сооптението потпишано од Ѓорѓија Џорџ Атанасоски претседател на Македонската Алијанса.

Advertisement