Македонската Алијанса ја осудува најнова провокација Бугарската Академија на науки за Македонскиот јазик

 

„Македонската Алијанса најостро ја осудува оваа најнова провокација од бугарска страна. Ставот на Бугарската Академија на науки со кој повторно се пласира една небулозна теза дека не постои Македонски јазик, тврдејќи дека наводно таткото на Македонизмот бил Србин кој според нив неприродно се спротивставувал на бугарштината, е исклучително опасна теза која всушност има за цел да го понижи македонскиот народ. Особено што за ваквиот став Бугарската лингвистка Ана Кочева се повикува на член 8 од Договорот за добрососедство.

Каде е МАНУ да реагира на ваквите небулози? Каде се нашите лингвисти да се спротистават со факти? Македонската Алијанса ја прашува актуелната Влада, дали со Договорот за добрососедство сме прифатиле да не нарекуваат  „Вардарска Македонија“, бидејќи претставникот на БАН во интервјуто така не ословува? Каде е МНР да протестира? Или, земајќи предвид дека со Договорот актуелната Влада на Зоран Заев и Никола Димитров презема обврска да спречува создавање на анти – бугарско расположение во Македонија, да ги шминка учебниците по историја и заедно да слави празници со Бугарски претставници, па сега мора да одмолчува и на ваквите провокации?

Стојалиштето на БАН е доказ дека сме во право кога тврдиме дека Договорот за добрососедски односи не ги затвора сите нерешени прашања кои со децении ги усложнуваат односите меѓу Македонија и Бугарија.

Договорот не содржи одредби со кои Бугарија го прифаќа постоењето на македонскиот народ и ја признава посебноста на македонскиот јазик. Напротив, со дипломатски речник е вметната формулацијата „Македонски јазик согласно Уставот“ , што „де факто“ е позиција на Бугарските власти изминатите две децении. Дополнително, Бугарија со Договорот не превзема обврска да ги спроведе пресудите на Европскиот Суд за човекови права и повторно нема да го регистрира ОМО Илинден – Пирин, ниту ќе им овозможи на нашите браќа и сестри Македонци кои живеат таму да ги уживаат основните демократски права. Конечно, Договорот не е решение кое трајно ги отстранува сите пречки меѓу Македонија и Бугарија и по својата суштина е едностран и штетен за нас. Во членот 12, точка 2 од Договорот, се определува обврска за формирање заедничка меѓу владина Комисија која еднаш годишно ќе прави контрола како се спроведуваат преземените обврски. Бугарската страна си го задржува правото и после ратификацијата на Договорот да ја блокира Македонија на Евроатланскиот пат. Тоа во пракса значи дека нашите институции ќе мора да молчат на изживувањето на бугарската Академија, националисти и политичари врз македонскиот народ, бидејќи бугарската Влада секогаш во своите раце ќе го има механизмот да оцени дека Договорот не се спроведува соодветно.

Македонската Алијанса ги подржува сите иницијативи за унапредување и градење на добрососедски односи, но тоа мора да биде на принципиелна основа. Бугарија е наш важен сосед кој прв ја призна Македонија под Уставното име, но сепак ние не можеме да отстапиме од  стратешки позиции и интереси на Македонскиот народ. Македонија не може да ги менува историските факти. Македонија и Македонскиот народ за време на Втората светска војна беа на вистинската страна, на фронтот за слобода и правда, се бореа против фашизмот, и заради тоа беа жртва на Бугарската окупаторска војска. Тоа е еден од најпрецизните историски факти дека Македонците и Бугарите не се и никогаш не биле ист народ.

Македонската Алијанса уште еднаш предупредува дека евентуалната ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, ќе биде мотив за официјална Атина да ни го зададе последниот удар, со аргументација дека ние самите сме се откажале од нашиот национален Македонски идентитет. Затоа, доколку во ваква форма на сила се ратификува овој Договор во Собранието, ние со сите политички средства ќе се бориме Македонија еднострано да го раскине Договорот, повикувајќи се на членот 13, точка 3“.

Advertisement