Македонското друштво “Мост на пријателство“ на Фестивалот на културите во Италија

Во провинцијата Тревицо (Trevizo), во градот Пјеве ди Солиго (Pieve di Soligo) од пред две години формирано е Македонското друштво “Мост на пријателство“ (Ponte dell`amicizia) со цел зачувување и афирмација на македонската култура, традиции и обичаи, како и на Македонскиот јазик.

Во Македонското друштво “Мост на пријателство“ членуваат околу 50 членови. Во рамките на Фестивалот на културите, наречен “Мојата земја“ (Terra mia) во организација на општината Пјеве ди Солиго, годинава, Македонското друштво Мост на пријателство се претстави со традиционални јадења, македонска музика и богат рекламен материјал за Македонија.

Претседател на Македонското друштво е триесет и еден годишниот Исмаил Беќири од село Ростуше, од реканскиот крај. Во Македонското друштво членуваат Македонци од повеќе делови на Македонија но, претежно од реканскиот крај, од Мислешево струшко и од Скопје.

Роден сум во Ростуше, дипломирав и специјализирав во Скопје на политички науки, дипломатија. Но, останав без работа и од пред три години сум во Италија, како и многу други Македонци. Оженет сум и татко на прекрасна тригодишна ќерка. Правиме се’ за афирмација на нашата татковина Македонија. Иако сме во Италија, ние сме горди Македонци. Еден ден, мислам да се вратам во мојата Македонија, – рече Исмаил Беќири.