Македонското меѓународно движење за човекови права: Одговор на статијата од Патрик Винтур

 

Статијата „Македонија вели дека треба да се приклучи кон ЕУ за да се оневозможи авторитарното владеење“ од Патрик Винтур, објавена во „Гардијан“ на 15 декември, 2017, е несмасно составен напис кој само ги повторува шаблоните и сосема погрешните аргументи на министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска. Не постои ниту навестување на обид критички да се испитаат лажните аргументи и погрешните тврдења кои госпоѓата Шекеринска и нејзината влада ги шират откако беа донесени на власт од страна на САД и ЕУ во јуни 2017.

Коалициската влада на СДС, ДУИ и Алијансата на Албанците дојде на власт во јуни 2017, како резултат на двегодишна кампања за дестабилизација на земјата организирана од САД и ЕУ. Оваа кампања вклучуваше неколкугодиншно незаконско прислушување, со опсег кој би можел да се исполни само од страна на западните влади, кампања на вандализам под симпатичното име „Шарена револуција“, која вклучуваше сквернавење на спомениците во главниот град Скопје (во што учествуваа Шекеринска и премиерот Зоран Заев) и уништување на канцеларијата на Претседателот во центарот на градот, отворено мешање во внатрешните работи на Македонија од страна на САД, ЕУ и невладини организации финансирани од Сорос, како и голема изборна измама.

На 27 април, 2017, поранешниот командант на терористичкиот огранок во Македонија на Ослободителната Армија на Косово, Талат Џафери, беше избран за Претседател на Собранието од страна на коалициските пратеници, без соодветно пребројување на присутните, без записник од седницата и во спротивност со сите воспоставени собраниски процедури. Ова доведе до влез во Собранието на демонстрантите кои протестираа надвор и кои беа револтирани од изборот на поранешен терорист. За жал, госпоѓата Шекеринска и Зоран Заев беа повредени во нередите кои настанаа тогаш (за што беа казнети некои од сторителите). Сепак, демонстрантите не беа револтирани од тоа што господинот Џафери е Албанец – зашто Албанците учествуваат во сите македонски влади уште од прогласувањето на независноста на земјата во 1991- туку затоа што преку незаконска процедура се избра за Претседател на Собранието човек кој е имплициран во убиствата на македонски војници во војната во Македонија во 2001. Понатаму, Џафери е клучна фигура во создавањето на злогласната Тиранска платформа, во која се повикува на денационализација на Македонија и на промена на нејзиното име, јазик, етнички идентитет, знаме, грб – се’ во име на удоволување на македонските угнетувачи од соседството.

На 17 мај 2017, Претседателот Иванов неволно и’ го додели на коалицијата (која брои само 62 од 120-те места во Собранието) мандатот за формирање на влада по кампања за застрашување водена од САД и ЕУ (имено, притисок од пратеникот на САД, Хојт Брајан Ји, Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, и Јоханес Хан и Федерика Могерини од ЕУ). Од нејзиното поставување, владата, наспроти нејзините тврдења дека е „прогресивна, европска и фокусирана на иднината“,владее на начин кој едвај ја разликува од претходната влада водена од ВМРО-ДПМНЕ, која ја обвинуваше за „корупција, авторитарност, мафијашки криминални активности и застрашување“. Да бидеме начисто, претходната влада, како што се гледа од се’ уште непотврдените, незаконски прислушувани материјали, изгледа како да била вмешана во корупција, изборни измами, несоодветно трошење на државни стредства, зауздување на медиумите, авторитарни методи на владеење и целосно игнорирање на демократските пракси. Сепак, сегашната влада во седумте месеци на власт владее на истиот начин, па дури и полошо. Таа е вмешана во добро документирана изборна измама (која вклучуваше и насилство, застрашување и полнење на избирачките кутии) во текот на локалните избори во октомври 2017 (како поинаку да се објасни тоа што мали албански партии кои се дел од владеачката коалиција сега се на чело на повеќе општини од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ), во назначување на судии кои се нивни лојални сојузници и во застрашување на судиите назначени од претходната влада, користење на таканареченото Специјално Јавно Обвинитество за селективно гонење на политички противници, масовно отпуштање на јавни службеници кои се сметаат за премногу блиски со минатата влада, ограничување на медиумите и напад на слободата на говор со притисок врз медиумите да ги отпуштат или замолчат новинарите кои се критички настроени кон политиките на сегашната влада (Васко Ефтов, Миленко Неделковски). Покрај тоа, владата ги ослободи од затвор етничките албански терористи обвинети за сериозни злосторства (во случаите „Монструм“ и „Диво Насеље“), на кои ќе им се суди дополнително, а во исто време затвори 6 опозициски пратеници и водачите на движењето „Заедничка Македонија“, во кои спаѓаат светски познатиот оперски пеач Игор Дурловски и актерот Владо Јовановски, под измислени обвиненија за тероризам поради нивната наводна улога во влегувањето во Собранието на 27 април.

Не само што не е „успешна приказна“, како што неискрено ја нарече Господинот Винтур, туку оваа влада поставена од странски фактори е приказна за владеење засновано на страв, заплашување, клиентелизам и тотална сервилност кон западните, бугарските, грчките и албанските интереси со цел да се остане на власт. Албанското малцинство, кое брои околу 12% ужива ненадмината заштита на нивните човекови и граѓански права во Македонија, уште од нејзината независност во 1991, но оваа влада, во нејзиниот очајнички напор да остане на власт, предлага да го воведе албанскиот јазик како официјален јазик на целата територија на Македонија (вклучително и на оние подрачја на Македонија каде што нема етнички Албанци), со драконски казни за „несоодветна имплементација“ на законот за албанскиот јазик и кантонизирање на земјата со доделување на поголеми права на оние општини каде Албанците живеат компактно и кои се дел од проектот за Голема Албанија кон кој целат албанските екстремисти. Тешко е да се каже дека на овој начин ќе се намалат етничките тензии. Владата ја потпиша екстремно едностраната Спогодба за „добрососедство и пријателство“ со Бугарија за да обезбеди бугарска поддршка за влез во ЕУ и НАТО. Овој договор и’ дава на Бугарија можност за бесрамно мешање во македонските внатрешни работи и предвидува ревизија на македонските учебници по историја со цел да се намали улогата на бугарскиот фашистички, про-нацистички режим од 1941-1944 во злосторствата во Македонија, вклучително и во депортацијата од страна на Бугарите на речиси целокупната македонска еврејска популација во Треблинка. Покрај ова, Македонија со овој договор се откажува од својата уставна обврска да ги штити правата на големото македонско малцинство во Бугарија. Понатаму, на македонските медиуми им се забранува – со Член 11.6 од „Договорот за Пријателство“- да известуваат за прекршувањата на човековите права на македонското малцинство во Бугарија. Сериозен напад на медиумите, целосно игнориран од „Гардијан“ и западните медиуми воопшто.

Едностраното медиумско покривање на македонската криза доведува до прашањето, дали се работи за мрзливост, наивност или соучесништво? Конкретно, за обидот за атентат на поранешиот министер за здравство на Македонија (во претходната влада, сменета од страна на САД), беше истакната гледна точката на напаѓачот во западните медиуми, кои сочуствуваа со фактот што македонскиот здравствен систем во колапс доведе до смртта на внуката на напаѓачот. Од друга страна, во известувањето за влегувањето во Собранието не се спомнува дека оние кои влегоа во Собранието се роднини на Македонците во чија смрт наводно е вмешан новиот Претседател на Собранието. Тие се етикетирани како „екстремни националисти“. Иронично е што вистинскиот екстремист, Џафери, ја има поддршката на западниот свет. Замислете терорист да се постави во Британскиот Парламент или Конгресот на САД. Тоа не би можело да се случи, но секој отпор кон истото во Македонија се нарекува „националистички“. И Македонците кои ги бранат нивните основни човекови права, правата на самоидентификација и самоозначување, се нарекуваат „националисти“.

САД, Обединетите Нации и ЕУ со години ги притискаа традиционалните угнетувачи на Македонија и Македонците – Грција, Бугарија и Албанија – да ги признаат и да ги почитуваат човековите права на нивните потчинети македонски малцинства, а сепак сега се предводници на нападот на самото постоење на Македонија. Би се очекувало западните медиуми да се запрашаат „Зошто?“ и да интервенираат во полза на основните човекови права на цела една етничка група.

Ние всушност се согласуваме со госпоѓата Шекеринска дека Македонија нема никакви територијални претензии кон Грција, но ова не значи дека сегашната влада има каков било мандат да се согласи со грчките барања Македонија да го смени своето вековно име за да им удоволи на расизмот и екстремниот национализам на Грција. Јасно е дека Грција сака Македонија да го смени името, не заради некакви територијални закани, кои се непостоечки и смешни, туку за да ги прикрие сопствените злосторства против големото македонско малцинство во Грција кое главно живее во тој 51% дел од Македонија кој Грција го анектираше во 1913 и да ги избегне огромните барања за отштета за одземените македонски имоти и прекршувања на човековите права.

Секоја промена на името ќе доведе до уништување на Македонија како унитарна држава и до постепено исчезнување на Македонците како посебна етничка група, и за ова не може да се постигне никаков „разумен компромис“ со таков непомирлив непријател. Па сепак, оваа влада, толку посветена на САД, кои сакаат Македонија да стане членка на НАТО по секоја цена за да се одбранат од илузорната „руска закана“, е подготвена да преговара за македонското име, идентитет и минато со цел да го задоволи американското геополитичко ривалство со Русија. Тврдењето на Шекеринска дека владата бара „пристоен и разумен компромис“ кој не е закана на „нашиот идентитет, гордост или етнички карактеристики“ е или признавање на целосна политичка наивност, или дел од „омекнувањето“ на Македонците за тие да прифатат катастрофална промена на името која, спротивно на нејзините тврдења, само ќе ги охрабри оние националистички сили во Грција, Бугарија и Албанија кои би се радувале на уништувањето на македонската држава.

Овој напис воопшто не придонесува да ја отстрани длабоката недоверба која Македонците низ целиот свет ја имаат кон сегашната македонска влада и нејзината целосна негрижа за македонските витални национални и безбедносни интереси. Весникот„Гардијан“ и неговите новинари не би требало некритички да ги прифаќаат ласкавите и искрено беззначајни изјави на министерка од влада чии деструктивни политики на никој начин нема да ја обезбедат иднината на Македонија како активна европска демократија – стои во соопштението на  Македонското меѓународно движење за човекови права.

Advertisement