Македонците од Албанија во Канада го одржаа својот годишен банкет Св. Архангел Михаил

Во чест на големиот верски празник Свети Архангел Михаил, кој е заштитник на Македонците од Мала Преспа, друштвото “Мала Преспа“ од Канада на 17 ноември 2018 година го одржа својот годишен банкет, беше традиционална средба на сите Македонци кои потекнуваат од областа Мала Преспа, населена со етнички чисто македонско население. Иселените Македонци од овој живописен крај своите традиции ги чуваат и негуваат и во Канада здружени во друштвото кое беше формирано пред 10 години со целпродолжување на македонизмот и во Канада.

На банкетот кој оваа година беше јубилејен и се одржа на старата локација Capitol Banquet Hall во градот Мисисага присуствуваа многубројни Малопреспани и нивни пријатели од сите делови на Македонија кои денес живеат во Канада и соседните САД. Големата роденденска торта ги воодушеви гостите кои беа понесени од бескрајно веселото расложение за што придонесе оркестарот ,,Бисер,, со својата музика. Сплотено, семакедонски се славеше до раните утрински часови.

Банкетот беше испочитуван од многумина претставници на управите во македонските православни цркви, како и македонски патриотски организации и здруженија од Канада. Со неколкуминутна програма се претстави и фолклорниот ансамбл од МПЦ Св. Илија од Mississauga, ,,Илинден,, во кого членуваат повеќе млади Македончиња со потекло од Мала Преспа. Повеќемина од гостите на годинешниот банкет си заминаа и со многу вредни награди од познати светски брендови кои беа доделени на традиционалната лотарија. Честитки по повод заштитникот на друштвото ,,Мала Преспа,, Св. Архангел Михаил и за многу години!