Македонците од Австралија за договорот со Бугарија: Ние сме понижени и национално обезличени

За Македонците и претставниците на македонските организации во Викторија и Австралија најавениот договор за добрососедство со Бугарија претставува евтина распродажба на националните македонски интереси, соопштија македонските организации во Австралија и за ова усвоија и испратија Резолуција до Собранието, Владата, претседателот на државата, МАНУ, МПЦ – ОА, политичките партии на Македонија.

Во резолуцијата се вели дека Македонците од Австралија се огорчени, понижени, деградирани и национално обезличени затоа што со овие иницијативи бескруполозно и темелно се разниша историјата на македонскиот народ со изјавата на премиерот на Македонија  за заедничка прослава на Илинденското востание со Бугарија.

„Илинденското востание не смее да биде предмет за пазарење затоа што во душата на секој Македонец гори илинденскиот оган кој ја зафати целокупна етничка Македонија од Сандански, Петрич, Гоце Делчев, Драма, Кавала, Воден, Костур, Лерин, Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Битола, Крушево, Охрид, Велес, Скопје, Штип, Струмица и други места кај живат Македонци. Тогаш, во 1903 година, се потврди уште еднаш националната и етничка посебност на македонскиот народ и се потврди државотворноста со создавањето на македонската Република (Крушевска Република). Овај подвиг, ова дело се потврди и на 2 Август 1944 год во Прохор Пчињски кога се ослободи Република Македонија од окупацијата на фашистичка Бугарија.

Затоа прво, безусловно ја отфрламе намерата на премиерот на Македонија Зоран Заев за заедничка прослава на „заедничка историја” со Бугарија, прослава на Илинденското востание, промена на учебниците по историја и потпишување на договор каде што нема да стои името на македонскиот јазик, туку ќе стои „уставниот јазик на Р. Македонија“.

Второ, Бугарија да го признае македонскиот народ и македонскиот јазик на Република Македонија и да ги признае етничките Македонци од Пиринска Македонија во Бугарија.

Трето, прифаќаме заедничко одбележување на востанието на македонскиот народ од 11 Октомври 1941 година против бугарскиот фашизам и заедничка прослава на 2 Август 1944 година, денот на создавањето на Република Македонија. Заедничко чествување и полагање на венци во Пелинце (Прохор Пчински), Ваташа или пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, притоа премиерот на Бугарија да се обрати до македонскиот народ со почит и достоинство. Бараме да и се извини Бугарија на Република Македонија за нанесените материјални штети и човечки злосторства за време на фашистичката окупација и да исплати оштета (репарација) од 1941 – 1944 година.

Четврто, ја осудуваме  трилатералната средба на Грција, Србија и Бугарија одржана во Солун без присуство на Македонија која кажува дека нивните вековни инспирации и ставови кон Македонија воопшто не се променети.

Петто, бараме да се прекинат разговорите/преговорите со Грција за името на Македонија и под итно да се испрати барање од Владата на Македонија и претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов до ОН за анулирање на привременото и нелегално име ПЈРМ и да се продолжи членството на Република Македонија под уставното име. Меѓународен легитимитет државата стекнува со меѓународно политичко признавање од други држави и воспоставување на дипломатски односи со нив. Република Македонија ги исполнува сите услови за членка на ОН под уставното име а доказ за тоа е признанието од над 130 држави во светот кои се членки на ОН“, пишува во Резолуцијата потпишана од Косте Колевски и д-р Ицо Најдовски Перин  и организациите ФОМКУД, Советот на Македонската заедница за Мелбурн и Викторија, Егејско-македонски Совет, Пензионерските групи од Викторија и Македонска радио програма „Трипл зед”.