Македонците во Грција побараа македонскиот јазик да стане официјален

Во сите образовни институции (основни училишта и гимназии) во општината Мелити (Овчарани) да се учи на македонски јазик. Сите топографски имиња на територијата на општината да бидат двојазични и сите официјални ознаки на јавните објекти да имаат написи на грчки и на македонски јазик.  Ова се двете главни барања на градоначалникот на општината Овчарани во Грција, Панајотис Анастасиадис, кои се испратени до градоначалникот на Лерин, надлежна општина за регионот Западна Македонија и до министерот за образование. Писмото е испратено на 26 март, а е објавено весникот на Македонците во Грција „Нова зора“.

Во писмото Панајотис Анастасиадис потсетува дека Грција како членка на ЕУ е потписник на Повелбата за основните права на ЕУ каде во член 21 се наведува дека земјите-членки се должни да ја заштитат јазичната разновидност и да спречат какви било дискриминаторски мерки против нив. Освет тоа, потсетува градоначалникот на Овчарани, земјите членки на ЕУ се должни да го заштитат и да ја поттикнат употребата на малцинските јазици кои се зборуваат на нивната територија дури и тогаш кога тие не се официјално признати.

Панајотис Анастасиадис или Панде Ашлаков

„Дозволете ми, исто така, да ве потсетам дека нашата земја е потписник, но за жал се уште не ја ратификувавме, на Рамковната конвенција на Советот на Европа за регионалните и малцинските јазици. Меѓу другото, оваа конвенција предвидува признавање на овие јазици како израз на културното богатство, почитување на географската област каде што се зборува таков јазик и, особено, олеснување и поттикнување на користење на јазикот во писмена и усна форма, како во јавниот, така и во приватниот живот“, пишува во дел од писмото. Анастасиадис потсетува дека токму во овој дел од Грција, населението не наидува на добронамерна заштита од државата во однос на употребата на јазикот што го зборуваат. „Граѓаните тука се отсечени од се. Невработеноста расте, а се појавија и одредени феномени како што е Златна Зора, што сите нас, кои сме дел на поинаков јазичен и културен идентитет, не плаши кога гледаме дека Грција со голема брзина се враќа во минатото, минато кое беше полно со бегалци, забрани и страв“.

„Со оглед на сето ова, мислам дека е време да покажеме дека Грција со право се смета за модерна европска држава која ги почитува правата на сите граѓани, без оглед на етничкото или јазично потекло. Како претседател на локалниот совет на Мелити секојдневно добивам по стотина барања на граѓани од поширокиот регион во кои се бара непречено користење на нивниот мајчин, македонски јазик во сите аспекти на јавниот живот. Со прифаќањето на ова барање Грција ќе покаже дека не подлегнува на носталгичните сеќавања на фашизмот и дека гледа напред. Со ова ќе се создадат услови сите оние кои зборуваат на македонски јазик и конкретно со дела, да се почувствуваат дека се дел од оваа држава и нејзини рамноправни граѓани. Со нетрпение го очекуваме вашиот позитивен одговор да се укинат овие историски, социјални и економски неправди кои, за жал, за одреден дел од граѓаните на Грција трае со децении“, пишува на крајот во писмото Панајотис Анастасиадис, градоначалникот на Овчарани.