Мета и Рама со спротиставени ставови за договорот за границата со Грција

Албанскиот претседател Илир Мета изјави дека се согласува со премиерот Еди Рама за Договорот со Грција, но оти јасно му ставил до знаење дека истиот ќе биде ратификуван во Собранието кога Уставниот суд ќе биде во функција. Во интервју за Гласот на Америка, Мета призна дека за ова прашање имал некои несогласувања со министерот за Европа и надворешни работи Дитмир Бушати. Вложив максимални напори за да на најконструктивен начин придонесам за правично решение на ова прашање, а не негово понатамошно усложнување, бидејќи тоа е деликатно прашање кај нас, но исто така и во Грција. Јас сторив се, со премиерот Рама имаме целосна согласност, но имавме некои несогласувања со министерот Бушати по ова прашање, наведе Мета.

Тој додаде дека на премиерот Рама му посочил дека доколку е тој убеден дека е можно финализирање на таков договор, ја има поддршката и како премиер, но и како шеф на владејачкото мнозинство, бидејќи Договор треба да помине во Парламент. Но, исто така јасно му кажав дека е многу значајно дека еден ваков договор треба да се ратификува во Парламентот во момент кога Албанија ќе има функционален Уставен суд, во спротивно тоа нема нема да послужи за конечно заокружување на ова прашање во интерес на двете земји, посочи Мета. Инаку, албанскиот Уставен суд не функционира подолг период, поради тоа што поголемиот број од судиите немаат доставено анкетен лист за имотната состојба.

Што се однесува на изјавите на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, дека Договорот е блокиран поради несогласувањата меѓу Рама и Мета, шефот на албанската држава кусо рече дека повеќе сака да не полемизира. Албанија и Грција преговараат по неколку прашања, меѓу кои и определувањето на морската граница, но засега нема целосна согласност меѓу Тирана и Атина.