Началникот на Генералштабот на АРМ на конференцијата на Началниците на ГШ на балканските земји

 

Началникот на Генералштабот генерал потполковник Методија Величковски учествуваше на единаесетта по ред конференција на Началниците на ГШ на балканските земји, која се одржа денес 10.05.2017 година во Атина, Република Грција.

Темите на дискусија на конференцијата беа пред се поврзани со севкупната геополитичка стабилност во југоисточна Европа и облиците на меѓусебната воена соработка во справување со безбедносните предизвици во регионот и безбедносните закани поврзани со нелегалната миграција и разните облици на меѓународниот тероризам.

Генералот Величковски за време на форумот оствари билатерална средба со командантот на НАТО командата во Неапол, адмирал Мишел Хоуард. На средбата се разговараше за континуираниот и интензивен процес на одбранбени подготовки на АРМ за членство во НАТО алијансата, зголемување на способностите на АРМ, интероперативноста и придонесот во меѓународни операции.

Помеѓу останатото генералот Величковски во одвоени разговори со НГШ од Црна Гора и Босна и Херцеговина, но и со останатите свои колеги разговараше за идентификување на можностите, облиците и мерките за зајакнување на понатамошната воената соработка.

На конференцијата на НГШ на балканските земји учествуваа началниците на генералштабови од девет балкански земји членки (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора) и највисоки воени претставници на НАТО и ЕУ воените комитети и НАТО командата во Неапол, како и НГШ на Словенија и Хрватска во улога на гости на конференцијата.

Оваа активност креирана во вид на форум која се одржува еднаш годишно со ротирачки циклус на земја домаќин, претставува особено значаен механизам за соработка на полето на одбраната и промоција на регионалната безбедност на која се разменуваат идеи и произлегуваат иницијативи и приоритети за подобрување на меѓусебната координација и изнаоѓање на поконкретни и ефективни начини во понатамошна соработка и поврзаност. Армијата на Република Македонија останува промотор на регионалната воена соработка и дијалог, давајќи значаен придонес во рамките на сите регионални иницијативи и одбранбена соработка.

Advertisement