ОМД се придружува на кампањата на ММДЧП, „Нашето име е Македонија“

 

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со седиште во Вашингтон со задоволство ја истакнува својата безрезервна поддршка за кампањата #НашетоИмеЕМакедонија, организирана од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) со седиште во Торонто, Канада. Истовремено, ОМД јавно му се заблагодарува на ММДЧП за поддршката на кампањата #НиеСмеМакедонија.

ОМД, која што неодамна го предводеше глобалното протестно движење пред македонската амбасада во Вашингтон и пред седиштето на Обединетите Нации во Њујорк, се придружува на барањето на ММДЧП до македонските власти да ги прекинат сите преговори и разговори за промена на македонското вистинско и историско име и да ги запре нападите врз унитарниот и територијален интегритет на Македонија.

ОМД изразува најголема благодарност на ММДЧП и на неговите партнери заради организирањето на оваа кампања уште од 2010 година, преку поставување на билборди низ целата територија на Македонија, преку објавување реклами во македонски весници и публикации, како и заради повиците до Македонците и пријателите на Македонија да дадат поддршка на оваа кампања.

Македонија е единствената нација во светот која не може во Обединетите Нации да го користи своето име. Вкупно 137 држави веќе го признаа вистинското име на Македонија, што е околу две третини од бројот на држави во Генералното собрание на Обединетите Нации. Меѓу тие држави се и четири од петте постојани членки на Советот за безбедност. Според владеењето на меѓународното право, не постои случај некоја влада да поседува таква моќ или авторитет за да определува какво име ќе има една независна и суверена држава.

Како што е утврдено и од страна на Комитетот за човекови права на ОН, меѓународното дипломатско признавање на државата Македонија под името „Република Македонија“ е неопходно, законско и задолжително. ОМД ги повикува Обединетите Нации, Европската Унија, Северноатлантската алијанса и оние држави кои се’ уште тоа не го направиле, официјално да донесат одлука за целосно дипломатско признавање на Македонија под името „Република Македонија“.

ОМД ја повторува својата непоколеблива поддршка за задржување на единственото вистинско име на Македонија, ги отфрла сите обиди за промена или наметнување на некакво друго име за Македонија и македонскиот народ и бара од македонската влада да ги прекине тековните разговори во ОН и да поднесе резолуција пред Генералното собрание на ОН со која што нашата земја ќе биде прифатена во ОН под единственото вистинско име – Република Македонија.

Advertisement