И оваа година Литургија на врвот на Голем Крчин

Монасите и монахињите од Бигорскиот и Рајчичкиот манастир, и оваа година со особена радост ве информираат, а воедно и покануваат да бидете дел од еден несекојдневен по својата убавина настан, кој од година во година зема сѐ поголем замав и привлекува огромен број на љубители на планините – искачување на врвот Голем Крчин. Она што го прави значајно ова заедничко патување кон целта е следново:

На врвот на Голем Крчин се наоѓаат остатоци од храм посветен на празникот Преображение, во кој повеќе од 80 години не се извршуваат богослужби. Наша желба е токму во чест на овој празник, кој инаку се слави еден ден претходно (19 август), да ја возобновиме некогашната традиција на нашите предци и таму, на висините, веднаш до остатоците од храмот, рано наутро да отслужиме Света Литургија, да поставиме голем крст кој ќе го краси врвот и сите заедно да ги доживееме и видиме висините низ една друга перспектива. Остануваме во контакт доколку се случат промени во временските услови.

Датум и време на поаѓање: 20 август (недела), во 03:00 часот, од пред поранешната караула во село Битуше, односно од пред храмот во изградба посветен на Свв. Кирил и Методиј.