Пападакис: Грција со уцена кон Македонија и македонскиот народ

 

Грција со години не води преговори со Македонија, туку политика на класична уцена за името на државата, јазикот и народот. Таа не е спремна, не само да попушта во преговорите, туку не е спремна за основни чекори, за тие т.н. мерки на градење на доверба. Така да, не можеме да живееме во илузија дека ќе попуштат Грците. Грците се со една одредена агенда и ќе ја следат до крај. Прашање е само што ќе прави Македонија и македонската влада.

Ова во интервју за македонската програма на мелбурнското радио „3ZZZ“ кај водителот и новинар Ицо Најдовски го изјавува Јоргос Пападакис, грчко-македонски аналитичар и член на политичката партија „Виножито“. Пападакис во моментов е во Брисел, седиштето на Европската Унија, од каде го следи последниот развој на настаните околу македонско-грчкото прашање околу името на нашата земја.

„Со години наназад зборувам дека единствена цел на Грција за преговорите со името не е самото име, туку името на народот и името на јазикот. Тоа се гледа сега многу јасно, бидејќи во преговорите се отвори прашањето како ќе се нарекуваат нејзините граѓани, како ќе се нарекува јазикот итн. Грција сака да има јасна одредница меѓу граѓаните, Македонците во Републиката и Македонците надвор од Република Македонија. Тоа им е целта“, вели Пападакис, додавајќи дека Грција преговара само условно кажано, но во суштина тоа не се преговори, туку уцена на Грција против Македонија и македонскиот народ.

Пападакис вели дека до одреден степен ја разбира Владата на премиерот Заев, бидејќи, како што вели, тие дошле на власт со мандат на промени.

„Една голема промена за Република Македонија би била влез во НАТО и почетокот на преговори со Европската Унија. Тоа го сфаќаат луѓето од Владата како даден мандат од македонскиот народ и покушаваат некако тоа да го промовираат. Една голема пречка за тоа е секако ставот на Грција околу името на Република Македонија, македонскиот народ и јазикот. Затоа велам, го разбирам обидот на новата влада да го реши тоа. Од друга страна, не може тоа да се реши по секоја цена. Тоа мора да е јасно и во Републиката и надвор и посебно тука во Брисел, кадешто улогата на Европската Унија не е таа која би требало да биде“, вели членот на Виножито.

Тој вели дека Европската Унија направила голема грешка што еден билатерален спор го претвори во еден европски спор и тоа сега го плаќаме сите.

На прашањето од новинарот Најдовски дали Грците се спремни да попуштат во спорот со цел да има решение, Пападакис е категоричен дека тие не сакаат и нема да попуштат.

„Пред неколку дена читав интервју на директор од еден тинк-тенк во Атина. Тоа е тинк-тенк кој ја диктира надворешната политика на Грција. Тие се јасни. Човекот вика дека бараат европски фондови за да го отворат граничниот премин кај Маркова Нога. Тоа се смешни работи, такви европски фондови за една толку мала работа. Грција не е спремна, не само да попушта, туку не е спремна за основни чекори, за тие мерки на градење на доверба. Така да, не можеме да живееме во илузија дека ќе попуштат Грците. Грците се со една одредена агенда и ќе ја следат до крај. Прашање е само што ќе прави Македонија и македонската влада“.

Пападакис прогнозира дека исходот од сегашата ситуација е дека на крај нема да се постигне договор.

„Имаме изјави од двете страни кои се обидуваат да го припремат теренот за неуспех на преговорите и мислам дека полека ќе биде јасно дека сигурно не може до јуни, а не знам и дали воопшто ќе може да биде решен тој спор, под такви услови, под уцените на Грција и под притисок да се реши ‘now or never’. Така да, дури иако сите велат дека стигнавме многу поблиску од претходните пати, мислам дека и овојпат не може да се реши и мора Македонија да има алтернатива како ќе прекорачи преку НАТО и преку Европската Унија“, вели Пападакис во разговорот со новинарот Ицо Најдовски за македонската програма на радиото „3ZZZ“.