Партија на Македонците во Грција “Виножито”: Ние сме против менување на уставното име, новото име е лошо

Партијата на Македонците во Грција, Виножито, по потпишувањето на Договорот за решение за името се огласи со соопштение во кое вели дека е против менување на уставното име на Македонија. Новото име, според Виножито, е лошо, бидејќи директно имплицира поделена територија. Од партијата велат дека никаква уцена не може да ја поништи демократската волја на македонскиот народ изразена пред 27 години.

„Но, задоволни сме што граѓаните на Република Македонија ќе го имаат последниот збор на референдум”, се наведува во соопштението. Од Винижито додаваат дека договорот е некомплетен, бидејќи географските одредници во официјалните имиња на државите во светот се злоупотребуваат во националистичката реторика и слични деструктивни политики.

Во договорот како позитивно се оценува зачувувањето на македонскиот јазик и националноста, но уставните амандмани се очаен напор на властите во Грција да ги „разделат” Македонците во Република Македонија и оние надвор од нејзините граници, односно во Грција, повикувајќи се на антиката, со која сегашните Грци имаат иста врска како и сегашните Македонци, а тоа е апсолутна никаква. Од Виножито потсетуваат дека тие дејствуваат како грчки граѓани кои бараат демократизација на државата преку признавање на нивните малцински права.

„Само така нашата земја ќе стане европска демократија и овој договор ќе биде целосен. Додека тоа не се случи, македонското малцинство ќе ја продолжи својата борба заедно со другите малцинства и со вистинските демокрари во државата”, пишува во соопштението. Виножито во текстот уште напоменува дека договорот за решавање на името е потпишан во Нивици село во кое македонските политички бегалци не можат да се вратат достоинствено. – стои во соопштението на Партија на Македонците во Грција “Виножито”.