Партијата “Единствена горанска партија” со кандидатска листа на изборите на Косово

На предвремените парламентарни избори во Косово, што ќе се одржат на 11 јуни, со своја кандидатска листа ќе учествува и партијата на Македонците од Гора „Единствена горанска партија“.На кандидатската листа на нашата партија се наоѓаат 13 кандидати од разни делови на целата област Гора. На листата се млади и вредни луѓе, кои се залагаат за подобрување на положбата на горанската заедница, зачувување и активно промовирање на нашите културни вредности, обичаи и традиции, како и формирање општина Гора во согласност со Уставот и законите на Косово, вели претседателот на партијата и носител на листата, Адем Хоџа, дипломиран инжињер.

Меѓу тринаесетте кандидати се и три жени. На изборното ливче партијата е на 11 место, а мотото на партијата е „Само единствени за Гора“ („Само јединствено за Гора“). Хоџа упати апел до сите учесници на изборите, изборниот процес да се спроведе во согласност со меѓународните стандради, да биде фер и коректен. Реториката и активностите во изборната кампања треба да минат во мирна атмосфера и толеранција, за изборните резултати да бидат израз на желбата на народот. Нашата порака за овие избори е: Гора мора да победи, посочува Хоџа. Во областа Гора  распослани се 9 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед познати под името Горанци, кои говорат македонски јазик.