Пештерската црква “Св.Богородица” на остров Мал Град спасена од понатамошни оштетувања (ФОТО)

Санирани се оштетувањата на кровот на пештерската црква„Света Богородица“ на островот Мал Град,кај Пустец, Мала Преспа. Според Регионалната дирекција за национална култура од Корча,оштетувањата на дел од кровот се причинети од одрон на карпа,поради што можни биле и дополнителни оштетуивања на целиот кров но и на фреските на ѕидовите од црквата. Од таму додаваат дека и покрај тешкиот терен за работа, зафатот бил успешно реализиран. Веднаш по нашата дојава, експресно реагираа од Регионалната дирекција за национална култура во Корча. Од таму беа испратени работници и потребниот материјал и ја заштитивме црквата,која е еден од најубавите божји храмови во нашто подрачје,- изјави за Македонски весник “Илинден” отец Алексо Темелко. Островот Мал Град се наоѓа на околу три километри североисточно од Пустец, во јужноисточниот брег на Преспанското Езеро.

На овој остров се наоѓа пештерската црква „Св. Богородица“, која со својот фрескоживопис отскокнува од другите пештерски цркви расфрлани по бреговите на Преспанското и Охридското Езеро. Оваа црква низ времето претрпела измени. Тоа го знаеме од трите сочувани натписи кои се наоѓаат на неа,- вели Васил Стерјовски,советник во општина Пустец. Според него во првиот натпис, пишува дека основач на црквата е Бојко со жена му Евдокија во 1345 година.Во вториот натпис, пишува дека црквата е возобновена во 1369 година од Кесар Новак, неговата сопруга Кали, син Амирал и ќерката Марија. Третиот натпис датира во 1607 година, кога е насликана надворешната западна фасада. Внатрешноста на црквата, е целосно живописна и е доста позната по ѕидните фрески од Византискиот палеолошки стил.