Помен за загинати Македонци мобилизирани во српската војска за првата светска војна

Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ со седиште во Пожаревац, на 7 октомври 2017 година, сабота, во соработка со општина Костолац, и месните заедници Света Петка и Стари Костолац организира традиционално чествување за Македонците од Вториот Вардарски Баталјон мобилизирани во Српската војска за време на Првата Светска Војна 1914-1918 година, загинати на 6 октомври 1915 година во битка со Германците кај Костолачка коса.

Чествувањето ќе биде во дворот на црквата “Свети Ѓорѓи“ во селото Стари Костолац, до Пожаревац, со почеток во 10.30 часот, пред спомен-плочата на загинатите Македонци од Вардарскиот дел на Македонија, со пригодни обраќања, полагање цвеќе и панихида за помен на душите на починатите. Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ ова чествување го одбележува веќе осумнаесет години од 1999 година.

Станува збор за мобилизирани Македонци од окупираниот дел на Македонија под Србија во Првата Светска Војна, од Тетово, Гостивар, Куманово, Крива Паланка и Кратово, кои учествувале во четири важни битки на почетокот на Првата Светска Војна што Српската војска ги водела со Австро-Унгарската и Германската армија. Во првата голема битка на октомври 27 октомври 1914 година, околу 850 војници Македонци го одбраниле Смедерево од Аавстро-Унгарската армија, која имала околу илјада загинати и две илјади заробени војници. Потоа, следувала повеќедневна битка кај Гроцка на 24 ноември 1914 година, каде што се бранел Белград. Борбата кај Гроцка трае неколку дена, со многу жртви од двете страни, ама на крајот победа извојува Вардарскиот баталјон. Во двете битки загинале 473 војници Македонци. Најтешката и најкрвавата битка овој баталјон ја водел кај Стари Костолац на 6 октомври 1915 година против единиците на германската војска предводена од фердмаршалот Август фон Мекензи, во којашто херојски загинале 627 Македонци војници. По овие битки од Вардарскиот баталјон останале околу двеста борци кои ја штителе Српската војска при нејзиното повлекување кон Косово и Албанија. Кога стасале во Пеќ, живи биле само шеесетина војници Македонци, кои со Српската војска се повлекле преку албанските планини. На крајот, во Скадар стигнале само петмина војници Македонци. Од околу 1.300 војници Македонци во овој баталјон, колку што биле мобилизирани од Македонија, загинале речиси сите, 1.295.

Настаните од 1915 година трајно се врежани во меморијата на жителите на Костолац.

И во селото Света Петка, место каде еден период престојувале македонските војници, постои уште еден споменик подигнат во нивна чест, а по патот на Македонците од Вардарскиот дел на Македонија, од селото Петка кон Смедерево тргнува и марш “По трагите на Вардарците“ како помен и спомен за загинатите Македонци во Србија, коешто граѓаните на Смедерево преку своето Здружение на потомците на војниците 1912-1918 година, со Здружението на Македонците “Македонија“ од Пожаревац секоја година го организираат. Денот на погибијата на македонските војници од година во година се одбележува се’ помасовно, за што најголема заслуга имаат членовите на Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ од Пожаревац и претседателот на Македонската заедница во Србија Гојко Илиевски, носител на највисокото светско семакедонско признание, почесната титула “Македонски сенатор“ што ја доделува Светскиот Македонски Конгрес.

Во прилог на одбележувањето на настанот, Гојко Илиевски во 2014 година ја издаде и книгата “Вардарци, почивајте во мир“, како сведоштво за историјата која на просторите во Смедерево, Гроцка и Костолачка Коса со своите животи ја испишаа мобилизираните Македонци од Вардарскиот дел на Македонија во Вториот Вардарски баталјон, за време на одбраната на Србија во Првата Светска Војна против Австро-Унгарската армија.

Градската општина Костолац, на барање на Гојко Илиевски, претседател на Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ од Пожаревац на 28 јануари 2015 година донесе Одлука за изградба на Спомен обележје на загинатите Македонци во Првата Светска Војна 1914-1915 година, мобилизирани во Српската Војска против Австро-Унгарија и Германија. Идејното решение е изготвено и инцијаторот, се очекуваат спонзори за негова изградба. На чествувањето во Костолац ќе присуствува и делегација на Светскиот Македонски Конгрес.

26 Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес одржано на 13 август 2016 година донесе посебна резолуција за поддршка на изградбата на Споменикот на загинатите Македонци мобилизирани во Српската Војска за време на Првата Светска Војна со апел до сите Македонци за донирање на изградбата на посебен споменик за херојската смрт на овие Македонци! Резолуцијата е повторена и на 27 Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес одржано на 5 август 2017 година. Македонскиот сенатор Гојко Илиевски и Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ од Пожаревац апелираат до Македонците во светот за помош за изградба на овој Споменик како вечен паметник на загинатите Македонци во Првата Светска Војна во Србија. Вечна им слава и памјат!