Потпишан Меморандум за соработка меѓу Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” и Sophia University Јапонија

На 28-ми ноември 2017 година беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и Sophia University со седиште во Токио, Јапонија. Меморандумот за соработка беше потпишан од  ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” проф. др. Никола Јанкуловски, од првиот резидентен амбасадор на Република Македонија во Јапонија Н. Е. др. Андријана Цветковиќ, како и од проф. др. Јошиаки Терумичи, претседателот на Sophia University.

По повод потпишувањето на Меморандумот за соработка се одржа свечена церемонија во просториите на Sophia University во Токио, на која пригодно обраќање имаше амбасадорот др. Андријана Цветковиќ и претседателот проф. Јошиаки Терумичи. Амбасадорот Цветковиќ изрази задоволството од потпишувањето на Меморандумот за соработка, истакнувајќи дека истиот ќе придонесе за зајакнување на образовната соработка преку академска размена и институционално поврзување. Го пренесе интересот и подготвеноста на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” за соработка во сите научни области и форми на размена во академската понуда на двата универзитети, особено во областите во кои наставата се изведува на англиски јазик.

Потпишувањето на Меморандумот за соработка е уште еден чекор напред во зајакнување на билатералните врски меѓу Република Македонија и Јапонија во делот на образованието и академската соработка. Амбасадата на Република Македонија и во иднина ќе работи посветено на иницирање соработка со голем број универзитети во Јапонија, со цел унапредување на односите и соработката меѓу двете земји.