Потпишан Протокол за организирање денови на културата во Македонија и Русија

 

Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ и амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Олег Шчербак денеска потпишаа Протокол меѓу министерствата за култура на двете земји за организирање Денови на македонската култура во Русија во 2018-та и Денови на руската култура во Македонија во 2017 година. Деновите на македонската култура во Руската Федерација е предвидено да се одржат во текот на 2018 година, додека руските културни вредности во нашата земја ќе се презентираат до крајот на оваа година со настап на светски познатиот хор „Пјатницки“.

Пред македонската публика хорот со вековна традиција ќе се претстави со руски изворни песни кои се обележје на руската етномузиколошка традиција.Како што информира Министерството за култура, двајцата соговорници на средбата се согласиле дека Република Македонија и Руската Федерација негуваат одлични односи во областа на културата кои се карактеризираат со размена на многубројни проекти и културни содржини меѓу двете земји.Недељковиќ и Шчербак оценија дека од огромна важност е воспоставената директна соработка меѓу институциите од областа на културата во Македонија и во Русија, кои во изминатата деценија реализираа голем број проекти и културни содржини со што публиката имаше можност да се запознае со културното наследство и современите постигнувања на македонската и на руската култура.

Недељковиќ и Шчербак изразија уверување дека со потпишувањето на Протоколот ќе се унапреди соработката и ќе придонесе за дополнително меѓусебно запознавање со културните вредности на двете пријателски земји, кои имаат имаат слични културни традиции, информира Министерството за култура. Амбасадорот Шчербак на средбата изразил задоволство што Република Македонија е меѓу првите земји во годинашната динамична агенда на меѓународни настапи на хорот „Пјатницки“, кој е формиран во 1911 година.