Премиерот на Исланд поднесе оставка

Претседателот на Исланд, Гудни Јохансон ја прифатил оставката на премиерот Бјарни Бенедиктсон, кој изјавил дека новите парламентани избори во земјата најверојатно ќе се одржат на 4 ноември 2017 година јавуваат светските медиуми.

Исландската влада на десниот центар, која беше формирана пред девет месеци, се распадна вчера по повлекувањето на малцинскиот коалиционен партнер – Центристичката партија за светла иднина, откако било откриено дека таткото на премиерот му помогнал на лице осудено за педофилија да го „исчисти“ досието за да може повторно да бара работа.Претседателот Јохансон, по средбата со Бенедиктсон, се очекува денеска да разговара и со лидерите на другите партии.

Владата на Бенедиктсон имаше тенко мнозинство во исландскиот парламент – 32 од вкупно 63 пратеници, по изборите во октомври минатата година, кои беа распишани откако претходниот премиер Сигмундур Давид Гунлаугсон беше принуден да поднесе оставка по обелоденувањето на скандалот „Панама пејперс“. Во документите беше откриено дека Гунлаугсон и неговата сопруга имале офшор-компанија на британските Девствени Острови.