Претседателот на Македонската Алијанса Ѓорѓија Џорџ Атанасоски упати честитка за инаугурацијата на Претседателот на Албанија Илир Мета

По повод инаугурацијата на новиот Претседател на Република Албанија, Илир Мета, кој вчера во Тирана, во Парламентот, пред Претседателот на Уставниот Суд положи свечена заклетва и официјално ја презема функцијата, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упати следната честитка:

„Дозволете од мое лично име, од името на партијата Македонска Алијанса, чиј Претседател сум, да Ви го честитам официјалното преземање на функцијата Претседател на Република Албанија.

Ја користам оваа прилика уште еднаш да Ви изразам благодарност за Вашите активности за време на предизборната кампања за парламентарните избори во Албанија. Со присуството на Македонскиот собир во Пустец ја потврдивте Вашата поддршка за Македонската заедница во Албанија. Навистина ми беше чест да се сретнам со Вас, бидејќи сте политичар кој ја уважува реалноста и значењето на Македонците кои живеат и работат во Пустец, Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и на целата територија на Албанија. Вашето ветување дека во Претседателскиот Кабинет ќе има претставник на Македонската заедница е гест кој исклучително го цениме, бидејќи со Вашиот политички легитимитет несомнено давате значаен придонес во демократската борба за поголема политичка факторизација на нашите браќа и сестри Македонци во Албанија.

Постои нераскинлива врска меѓу Република Македонија и Република Албанија, а тоа се Македонците кои живеат во Албанија и Албанците кои живеат во Македонија, што за нас како активни политичари претставува одговорност и мотив за зацврстување на нашите односи.

Македонската Алијанса континуирано ќе се залага за поттикнување на ентузијазам и оптимизам за проширување на можностите за соработка помеѓу двете земји се со цел успешно остварување на заедничките интереси.

Во таа насока, ја користам приликата да Ви упатам отворена покана да бидете мој личен гостин во Македонија, во мојот роден Прилеп, каде уште еднаш заедно ќе покажеме како се градат мостови за унапредување на билатералните односи меѓу нашите соседни земји. Убеден сум дека ќе бидеме позитивен пример за тоа како се придонесува за развој и долгорочна стабилност на целиот регион“