Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер

 

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер.

На средбата беа разменети мислења за актуелната состојба во Република Македонија и предизвиците со кои се соочува државата предизвикани од политичката, уставната и институционалната криза.

Во контекст на актуелната состојба, претседателот Иванов ги повтори ставовите дека има правен и политички аспект, кои се проблем, но и предуслов за излез од состојбата. Во однос на правниот аспект поврзан со роковите за доделување на мандатот, истакна дека е лесно надминлив. Во однос на политичкиот аспект, претседателот Иванов истакна дека останува на ставот дека платформата од Тирана треба да биде осудена и отфрлена, исто како и мешањето во внатрешните работи на Република Македонија, кои не помагаат во напорите за добрососедски односи и стабилноста и безбедноста во регионот.

Генералниот секретар на ОБСЕ изрази загриженост за меѓуетничките тензии, апелирајќи сите да направат конструктивни чекори за надминување на кризата. Тој се согласи со претседателот Иванов дека лидерите од регионот треба да се воздржат од штетна реторика.

Македонскиот претседател и Генералниот секретар на ОБСЕ разменија и мислења во врска со безбедносната состојба во земјава и регионот, како и за мигрантската и бегалската криза. Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија и натаму ги спроведува мерките согласно заклучоците на Европскиот совет за брзо запирање на приливот на мигранти, за заштита на границите, намалување на нелегалната миграција и зачувување на интегритетот на Шенгенската зона. Со цел справување со заканите од насилен екстремизам и активностите на странски терористички борци, македонскиот претседател ја истакна потребата од програмите на ОБСЕ за контрарадикализација и дерадикализација.

Претседателот Иванов изрази очекување за продолжување на соработката со ОБСЕ и нивната поддршка во области како што се владеење на правото, полицијата, судството, и унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот.

Advertisement