Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими градоначалникот на Солун Јанис Бутарис

Изразувајќи задоволство од можноста за повторна средба, претседателот Иванов оцени дека и покрај отвореното билатерално прашање, соработката меѓу македонското и грчкото општество е на завидно ниво и посочи на потребата од нејзино натамошно унапредување.

„Република Македонија е подготвена за натамошно јакнење на соработката во сите сфери од заемен интерес кои ќе придонесат за нашата заедничка визија за регионална стабилност и просперитет, како и за заедничка сегашност и иднина во големото европско и евроатлантско семејство“, рече претседателот Иванов на средбата. Претседателот Иванов го поздрави интензивирањето на дијалогот и напорите на двете земји за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба и внесување на нови содржини во билатералната соработка.

Според претседателот Иванов, од особено значење е натамошното продлабочување на економската соработка, усогласувањето и унапредувањето на правната рамка во интерес на бизнис заедниците од двете земји, како и потребата за натамошно инфраструктурно поврзување, преку ревитализација на железничката мрежа и отворање на нови гранични премини. Двајцата соговорници разменија мислења околу можностите за развој на проектот Вардар – Морава – Дунав, што ќе придонесе за отворање на нови можности за економиите, нови инвестиции и работни места.

 Двајцата соговорници ги потенцираа доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски“ на Сити Колеџот од Солун и Школата за млади лидери, на која минатата година одржа предавање и градоначалникот на Солун, г. Бутарис, како успешни примери за унапредување на соработката меѓу Република Македонија и Република Грција.Претседателот Иванов и градоначалникот Бутарис разменија мислења за актуелните состојби на економски и политички план во Република Македонија и во Република Грција.

Advertisement