Претседателот на Република Македонија ги прием учесниците од програмата „Наука за мир и безбедност”

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими учесниците на Работилницата „Заштита од тероризам, подобрување на отпорноста на демократските институции и владеењето на правото”, која што е поддржана од програмата на НАТО, „Наука за мир и безбедност”. На приемот на кој присуствуваа професори и истражувачи од Република Македонија, Обединетото Кралство, Германија, Белгија, Италија, Бугарија, Албанија, претседателот Иванов посакувајќи им добредојде во Република Македонија, порача дека учесниците на работилницата се занимаваат со актуелни и на некој начин непредвидливи теми.

„Ова што се случува денес во Сирија како да потсетува дека мирот е исклучок, а конфликтите и војните како да се некоја нормалност”, рече претседателот Иванов. Во своето обраќање, македонскиот претседател нагласи дека кога еден регион живее на отворен простор, тогаш настапува мир, додавајќи дека отворениот простор создава луѓе со отворен ум кои немаат предрасуди, стравови и се воспоставува комуникација, а според него кој комуницира, тој се интегрира.

„Со комуникацијата и интеграцијата луѓето добиваат заеднички јазик и почнуваат да се разбираат меѓу себе. Тоа им овозможува да обезбедат единствен пазар со една валута. Единствена сила што може повторно да го отвори просторот на Балканот се вика Европска Унија. Нема друга сила која може да овозможи повторно сите што живеат на Балканот да живеат на отворен простор”, истакна македонскиот претседател. Според претседателот Иванов предизвиците од мигрантската и бегалската криза која го зафати регионот на Балканот во 2015 и 2016 година, покажува колку е потребна комуникација меѓу државите.

„Како никогаш досега ни е неопходна комуникација и размена на податоци. Тоа го видовме во 2015 година со мигрантската криза. Се додека секој сам се снаоѓаше со мигрантите немавме успех. Кога почнавме да ги разменуваме податоците, да стекнуваме доверба, најдовме начин како да се соочиме со тој предизвик”, рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов во својот говор се осврна и на денешните предизвици и закани за НАТО кои според него се од дигитализирање на криминалот, односно можноста преку интернет да се вршат разни криминални дејствија кои во минатото не можеле, додавајќи и дека бирократските процедури во Алијансата треба да се прилагодат на состојбите и предизвиците од 21 век.

Истражувачката работилница „Заштита од тероризам, подобрување на отпорноста на демократските институции и владеењето на правото”, поддржана од програмата на НАТО, „Наука за мир и безбедност”, се одржа од 11 до 14 април во Скопје. Програмата на НАТО има за цел да го промовира дијалогот и практичната соработка меѓу земјите-членки на НАТО и партнерските земји врз основа на научни истражувања, технолошки иновации и размена на знаења.